СДСМ, Филипче и Заев се истурени играчи на руската политика во Македонија. Доказ за тоа е скандалот со доделувањето државјанство на рускиот државјанин Онишченко, човек кој е осуден на затворска казна од 15 години за перење пари и корупција во Украина, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Да ја потсетиме јавноста дека контроверзниот политичар Онишченко бил член на проруската партија на тогашниот претседател на Украина, Виктор Јанукович. Онишченко, кој бил во бегство од Украина и тамошните правосудни органи, во време на СДСМ доби државјанство од Македонија откако претходно секоја нормална држава тоа не му го дозволи ниту, пак, му беше дозволен престој.
Човек кој е баран со меѓународна потерница од Украина, во тоа време осомничен за перење пари, а сега веќе и осуден на 15 години затвор, никој не сакаше да го прими во својата држава, само Македонија предводена од СДСМ, Заев, Ковачевски, Спасовски и Виктор Димовски, се потрудија да му дадат државјанство под превезот дека ќе настапува за македонскиот национален тим за јавање коњи.

Под голем притисок на ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните, СДСМ не издржа и државјанството на Онишченко беше поништено. Руското влијание и политиката во Македонија, единствено имаат влез преку СДСМ, Заев и Филипче.
Но, остана неодговорено прашањето за тогашните шпекулации дека поранешен вицепремиер задолжен за економски прашања се обидувал да контактира со ова лице и да прави економски ангажмани со него. Со оглед на тоа дека прорускиот политичар Онишченко беше претставен од тогашната власт како спортист што ќе јава на коњ за Македонија на Олимпијада, легитимно е да добиеме одговор, која била целта на СДСМ за негово удомување во Македонија и дали некој добро се нафатирал за овој случај?
