Реклама
Македонија

Ѓорчев: Мешовитата комисија со Бугарија не треба да биде дел од политичките процеси

Коренити промени во мешовитата историска комисија во која нема да има политичко…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Коренити промени во мешовитата историска комисија во која нема да има политичко влијание може да придонесат за придвижување на процесот разговори со Бугарија од научен и историски аспект. Членовите треба да бидат предложени од националните институти, да бидат врвни историчари, македонисти, антрополози, археолози, академици од МАНУ кои ќе го штитат македонскиот национален идентитет. Експертите се децидни дека оваа комисија која се занимава со осетливи теми од минатото, никако не смее да биде дел од политичките процеси.

Во однос на мешовитата комисија, тоа е сосем исправен пристап, таа комисија до сега беше интегрирана со политиката, што не смее да биде така, и мора да се тргне од политиката. Тие членови треба да бидат предложени од нашите Национални институти, за историја, за македонски јазик, врвни антрополози, археолози, академици од МАНУ, еден таков состав кој врз база на историски аргументи, докази, научни факти, настани, случувања ќе може да придонесе да се изгради еден научен поглед во однос на разговорите со Бугарија, и да нема интерференција на политиката во работењето на таа мешовита историска комисија. Оваа комисија не треба да биде дел од еден политички процес, и дел од тие разговори да се водат под палката на УНЕСКО, каде ќе се зборува за културата, историјата итн. Бидејќи тие се осетливи прашања. Што се однесува за иднината, политиката треба да предничи во делот на развојот на економијата, туризмот, развојот и така да одиме напред, вели поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев.

Додека се чека во Бугарија конечно да се формира стабилна политичка влада, по седмите по ред парламентарни избори закажани за во октомври, македонската влада освен што планира промени во мешовитата комисија, често пати го промовира и предлог решението за уставни измени со одложено дејство. Овој предлог кој е веќе консолидиран став на владината коалиција, според Ѓорчев е издржан, бидејќи на таков начин ќе имаме гаранции.

Реклама

Исправно е уставни измени со одложено дејство. Кога ќе дојдеме на крајот на преговарчкиот процес со ЕУ, тогаш секако ќе треба да правиме уставни измени во делот на прилагодување на законодавството со ЕУ и тогаш тие промени да се случат, додава Ѓорчев.

Претходната влада се согласи на внесување на Бугарите во Уставот по прифаќањето на францускиот предлог и покрај противењето на најголем дел од граѓаните. Бугарија од потпишувањето на Договорот за пријателство во 2017 излегуваше со нови и нови барања, а македонската страна ниту еднаш не побара да се надогради тој договор, да даде предлози по дипломатски пат кои ќе го заштитат македонскиот идентитет. Новата влада уште во предизборието најави проактивна дипломатија, решавање на проблемите со соседите на начин кој ќе биде прифатлив на народот, придвижување на процесите без да се задира во националниот идентитет.