Со ребалансот на буџетот ќе се заштити животниот стандард и нема да се чепка во ставките кои креираат економски раст. Од Министерството за финансии велат дека тие ќе се реализираат со предвидената динамика и ребалансот на буџетот нема да излезе од предвидените рамки. Нема да се крати ниту од капиталните инвестиции. Разговорите со ресорните министри започнаа завчера, а прекроената државна каса ќе се знае кон крајот на месецов или почетокот на јуни.
„Пристапот при разговорите со министрите е заснован на реално завршените проекти и на реалните очекувања за нивна понатамошна реализација до крајот на годината, со цел средствата да се насочат кон приоритети кои се изводливи, мерливи и имаат конкретен ефект“ – вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
И премиерот Мицкоски уверува дека со ребалансот нема да бидат засегнати ставките за мерките за поддршка на граѓаните. На обвинувањата на дел од експертите кои сметаат дека ребаланс се прави премногу рано и дека тој е кризен буџет, премиерот негира и вели дека тајмингот е ист веќе трета година по ред. Според него, не држат вода ниту критиките дека Владата не прави доволно за сузбивање на инфлацијата, бидејќи мерките кои ги спроведува ја вбројуваат во топ 3 држави според процентот кој се одвојува од БДП за оваа намена.

„Ако ја споредуваме денешната со состојбата од 2022 година во истиот период се случуваат кризите – месеците март, април и мај, ќе забележите дека тогаш е двапати поголема од сега и тоа е успехот на справување со криза и кризен менаџмент. Доколку сега беше двапати поголема од тогаш, тогаш ќе речевме дека оваа Влада е неуспешна. Сепак, како Влада успеваме да имаме двојно помала инфлација од тоа што имаше минатата влада дури и во едни вакви предизвикувачки услови“ – вели Мицкоски.
Според Димитриеска-Кочоска, граѓаните треба да бидат спокојни дека буџетот е ликвиден, се сервисираат сите обврски, редовно се исплаќаат платите и пензиите и обврските кон економијата. Уверува дека Владата ќе продолжи со фискална консолидација до крајот на годинава, односно со дисциплина во планирањето и трошењето на парите. Министерката потенцира дека јавниот долг, на крајот на март изнесувал 10,7 милијарди евра односно 59,7% од БДП и е помал за 1,5 п.п. споредено со состојбата при преземањето на власта. Врз буџетот притискале старите долгови за враќање, направени од претходната Влада.
„Минатата година реализиравме отплата на еврообврзницата од 500 милиони евра, оваа година за отплата е еврообврницата од 700 милиони евра и половина од оваа еврообврзница веќе е сервисирана, а половина ќе се сервисира во текот на јуни 2026 година. Или попластично, вкупно 9 милијарди евра стари долгови по основ на главнина и камата на долг, што оваа Влада има обврска да ги сервисира од 2026 до 2031 година“ – вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Според министерката за финансии, со ребалансот на буџетот ќе се остане во рамки на среднорочната фискална стратегија која предвидува економски раст од 3,5% и инфлација од 4,5% годинава.
