Се собираат последните податоци за исплата на финансиската поддршка на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани. Црвениот крст на Македонија во соработка со Владата од собраните донации на секоја фамилија каде што има жртва или повреден ќе им исплати по 150.000 денари. Заклучно до денеска преку Црвениот крст се собрани околу 900 илјади евра. Во првата фаза ќе бидат исплатени 36 милиони денари, приоритет ќе имаат членовите од семејствата на настраданите, а потоа и на повредените.За да ги добијат овие пари, потребно е да достават жиро-сметка, матичен број и да пополнат своерачна изјава.
“При крај е собирањето на податоците за повредените кои се на лекување во странство. Останува уште да се соберат податоците за хоспитализираните во Македонија. Верувам дека за ден два ќе успееме да ги префрлиме првичните пари. Понатаму, прво ќе бидат исплатени пари на семејствата на починатите, а потоа методологијата е дека ќе се исплаќаат пари согласно степенот на понатамошно лекување. Знам дека има критики во јавноста, но мораме да го почитуваме Законот. Видовме што се случи со непочитувањето на законите“, рече Саити.
Досегашните пари се собрани од граѓани од Македонија и од странство, компании, локални самоуправи, државни институци, но имињата ќе биде објавени откако ќе заврши донаторската кампања, која би траела уште десетина дена.

Од Црвениот крст велат дека освен за финансиската поддршка ќе бидат посветени и теренските активности, особено во делот на психолошката поддршка на граѓаните од кочанскиот регион.
“Психолошката помош е најпотребна верувајте дека имаме повици секојдневни и тековни од училиштата, пред се, на територијата на Кочани, па и од Штип, затоа што замислете им ги нема другарите од класот им ги нема луѓето со кои секој ден се дружеле и тој проблем е многу приоритетен и сериозен и тоа е сега најприоритетната потреба. Исто така, деновиве има заинтересирани донатори подготвени на подолгорочни програми за работа на тие места” – вели Саити.
Државата целосно ги покрива трошоците за лекувањето на повредените во странство, децидни се надлежните.
Службата за општи и заеднички работи и останатите институции, се задолжени за целата неопходна логистика за сместувањето и транспортот на повредените и нивните семејства. Владата го плаќа престојот на најблиските на пациентите кои се лекуваат во странство, за што право имаат по две лица од семејството на секој повреден.
