Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола информира дека е во тек јавниот повик за доставување барања за доделување на финансиска поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство.
Според јавниот повик утврден од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, средствата се обезбедени од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година, и притоа за активен женски член во земјоделското домаќинство може да се доделат до 360.000 денари по поединечен корисник.
Право на користење на средства имаат земјоделски стопанства чиј носител или член е жена, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Средствата се наменети за инвестиции во набавка на опрема за преработка и/или доработка на примарни земјоделски производи и инвестиции во набавка на услуги за спроведување на деловниот план на инвестицијата, предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година.
Јавниот повик за доставување на барањата завршува на 13 ноември, а во меѓувреме барателите повеќе информации за критериумите и потребните документи можат за да добијат во канцелариите на АПРЗ и од веб страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потврдија од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.

