Антикорупциска брои службени возила пред изборите – институциите не ги пријавиле сите во рокот, кој истече на 18 –ти август. Досега евидентирани се 1.916 службени возила во регистарот на антикорупционерите од разни државни претпријатија.
Владата апелира институциите да не чекаат и да го пријават бројот на автомобили во регистарот на ДКСК за да нема злоупотреби со нивно користење во тек на кампањата за претстојните локалните избори.
“Апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службени возила и веќе е донесена одлука на Влада дека рокот за поставување на регистрски таблички во боја е до 15-ти септември и тоа ќе го завршиме се во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои што се надвор од службените” – изјави Марија Митева, портпарол на Влада.

Сите институции и правни лица кои нема да достават податоци до Антикорупциска за бројот на службени возила, ќе се соочат со прекршочна пријава.
“Доколку правните лица не достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои расолагаат во предвидениот рок, Антикорупциска покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците” – велат од ДКСК.
За да нема злоуотреби од страна на државните служби, оваа Влада почна да спроведува нов систем на регистарски таблици за службените возила, со тоа повеќе нема возење на државна сметка – по свадби, викендички и партиски митинзи.
Владата ги задолжи сите државни институции, општини и јавни претпријатија до 15-ти септември да ги заменат таблиците на возилата со нови – обележани со црвена боја. Обврската ќе важи за повеќе од 6.500 автомобили во администрацијата и јавниот сектор.
Службата за општи и заеднички работи има воведено посебна телефонска линија и е-маил адреса, преку која граѓаните и медиумите ќе можат да пријавуваат сомнителни користења на службени возила. Со ваквата нова мерка, од СОЗР уверуваат дека ќе има брза реакција од надлежните и проверка на секоја пријава.
Ања Лукарова

