Позитивни исчекори кон поголема отчетност на институциите, но и предизвици во борбата со корупцијата. Ова го нотира Транспаренси Интернешнл-Македонија во најновиот извештај „Бистро-матно“ за март годинава.
Како особено важен чекор се издвојува одлуката на Уставниот суд, кој од 4-ти март започна со директен пренос на седниците преку својата веб-страница и дигиталните платформи. Позитивно се оценети и активностите на Антикорупциската комисија, која поведе постапки против 234 општински советници поради неподнесување изјави за имот. Во извештајот е нотирана и добрата работа на Управата за финансиска полиција.
Од Транспаренси Интернешнл Македонија нагласуваат дека ваквите случаи претставуваат позитивен тренд и основа за градење посилен систем на владеење на правото и институционална одговорност.

Меѓу „матните“ случаи, најмногу внимание предизвика апсењето на директорот на земјоделскиот инспекторат, кој е осомничен дека примил поткуп од 50.000 евра, за увоз на спорна стока. Сериозни слабости се нотирани и во судството.
„Судскиот совет на 538. седница констатира сериозни сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што резултирало со апсолутна застареност на предмети. Работната група констатирала пречекорување на роковите за објавување пресуди, како и неоправдани одложувања на јавни седници по барање на бранителите, со што обвинетите подолго останувале во куќен притвор“
Главни и секојдневни сведоци на барање мито се пациентите во здравството. 200 од 1.240 анкетирани биле сведоци на корупција.
„ Најчесто, од пациентите се барале пари или подароци за побрзо и полесно да добијат здравствена услуга. Ниту еден од анкетираните не пријавил ваков случај, бидејќи не веруваат дека институциите ќе го решат проблемот. Дел од нив кои платиле ја добиле услугата, додека кај оние што одбиле, состојбата се влошила“
Меѓу другите случаи, во Министерството за односи меѓу заедниците се исплаќале плати на луѓе што не оделе на работа, се точело гориво во коли без потврда за сопственост, а недостасувале и 30 лаптопи. Државниот инспекторат за градежништво, пак, останал без инспектори, а 8 години раководи вршител на должност директор, спротивно на прописите за назначување.
Незаконски распределби на средства, спорни јавни набавки и несоодветно чување доверлив материјал биле нотирани и во Државната изборна комисија. Овие штети го чинат буџетот, односно граѓаните, 23 милиони евра.
Во извештајот се наведува дека само една петина од институциите имаат назначено лица за прием на пријави од „свиркачи“. Овој процес е клучен за откривање и санкционирање на корупцијата.
