Реклама

Останува високата опасност од пожари, тешка битка со пламените јазици на планината Жеден

Балканот влегува во ерата на дата центрите – соседите инвестираат милиони

Забрани или едукација: Како до побезбеден дигитален свет за децата?

Борба против врсничкото насилство – училиштата со нови мерки

Растот на платите мора да биде следен со поголема куповна моќ и посилен приватен сектор

Советникот на Заев, Виктор Петрушевски, вмешан во косовската афера за шпионажа

Демографски аларм: Сè помалку ученици и студенти во Македонија

Со оптимизацијата, во Прилеп нема да биде затворено ниту едно училиште и сите наставници остануваат на работа

Берово преполно за Голема Богородица: Премиерот Мицкоски најави нови законски решенија и државна поддршка за развој на туризмот

Вештачка интелигенција наместо марихуана: Мицкоски порача дека Владата нема да се откаже од изградбата на национален дата-центар

Критикуваат секој ден, а бегаат од избори: СДСМ стравува од соочување со народот

Верниците ширум Македонија го слават големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“

Македонија

Анкета на Клиниката за психијатрија: Над 40 отсто од испитаниците се соочуваат со проблеми во спиењето

Речиси 70 отсто од испитаните македонски граѓани користат телефон или екран пред…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Речиси 70 отсто од испитаните македонски граѓани користат телефон или екран пред да заспијат, а повеќе од 40 отсто се соочиле со проблеми во спиењето во последниве три месеци. Повеќе од 63 отсто од испитаниците се изјасниле дека спијат од 5-7 часа во текот на ноќта, 11,6 отсто спијат помалку од 5 часа, додека 22,8 отсто спијат од 7 до 9 часа. Ова се дел од резултатите од анонимната онлајн анкета спроведена од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во периодот од 2 до 6 март 2026 година, на која одговориле 491 испитаници. Анкетата е спроведена по повод месец март, кој Европското здружение за истражување на спиењето го има прогласено за месец за подигнување на свеста за спиењето, под мотото „Спиј добро, живеј подобро“.

Според резултатите од анкетата, 44,6 отсто од испитаниците би сакале повеќе информации или стручна поддршка за подобрување на квалитетот на спиењето, а речиси ист е процентот (42,2 отсто) на испитаници кои се изјасниле дека само понекогаш се чувствуваат одморено кога ќе се разбудат. Третина од испитаниците се изјасниле дека се чувствуваат одморено, а 24 отсто ретко се чувствуваат одморено по будењето. Најголем процент од испитаниците сметаат дека сонот влијае врз нивното расположение (71 отсто), концентрација (64 отсто) и работна ефикасност (63,3 отсто).

Како што информираат од Клиниката за психијатрија, овие резултати укажуваат на тоа дека голем дел од граѓаните се соочуваат со проблеми во овој сегмент и имаат потреба од повеќе информации и стручна поддршка за подобрување на спиењето.

Реклама

Иницијативата има за цел да ги охрабри сите индивидуи и здравствени работници да му дадат приоритет на здравјето на спиењето, а Универзитетската клиника за психијатрија се приклучила кон оваа иницијатива, преку едукација на граѓаните и нудење помош за подобрување на квалитетот на спиењето.

-Целта е да се укаже на важноста на спиењето во однос на здравјето како општа благосостојба, да се укаже на последиците од недоволно спиење и да се зборува и за растројствата на спиење и начините на лекување. Недостигот на спиење наредниот ден ги нарушува нашите егзекутивни финкзии, намалена е концентрацијата, забавен е мисловниот процес и успорена е психомоториката, па често може да се погреши во проценката на одредена ситуација (возење, управување со машина и др.). Секако дека сите овие состојби, ако се долготрајни, како хронична несоница или потешкотии со заспивање и одржување на спиењето можат да доведат и до анксиозни состојби, па дури и до депресија, вели проф. д-р Ненси Манушева од Универзитетската клиника за психијатрија.

Фокусот на Европското здружение за истражување на сонот годинава е ставен на промовирање здрави навики за спиење кај децата, имајќи предвид дека спиењето е основа за правилен раст, учење и емоционална благосостојба. Со оглед на сè поголемите предизвици како што се прекумерната стимулација, нередовниот дневен распоред и користењето екрани во вечерните часови, иницијативата има за цел да ги охрабри и поддржи семејствата, наставниците и здравствените работници да му дадат приоритет на здравјето на детскиот спиењето.

Според проф. д-р Стојан Бајрактаров од Универзитетската клиника за психијатрија, спиењето не е само одмор, туку основа на физички развој, когнитивно созревање и емоционална регулација кај децата.

-За време на спиењето, мозокот ги консолидира новите знаења, се лачат хормони клучни за растот, а нервниот систем се обновува. Но, не е важно само колку детето спие, туку и кога и како. Истражувањата покажуваат дека децата со конзистентни рутини пред спиење имаат подобар квалитет на сон, повисока емоционална стабилност и подобри резултати во учењето. Рутината – читање, тивок разговор, намалување на стимулации, му сигнализира на мозокот дека е време за одмор. Кога децата спијат добро, тие растат, учат и напредуваат. Здравиот сон не треба да е привилегија, туку инвестиција во здравјето и иднината на децата, вели проф. д-р Бајрактаров.

Како дел од европскиот месец за подигнување на свеста за спиењето, денеска се одржува „Ден во пижами“ (Pyjama Day), иницијатива која ги повикува учесниците да одат во пижами на работа, на училиште или на локални настани. Овој неформален пристап испраќа пораката дека спиењето е основа за здравјето и благосостојбата, а подобрувањето на навиките за спиење носи придобивки за сите – и за децата и за возрасните.