Реклама
Македонија

Ѓорѓиевски: Ќе работиме со МВР и општините да се зголеми опфатот на камерите од „Безбеден град“ за да имаме побезбедни маала и јавни објекти

Доколку Министерството за внатрешни работи нема можност да издвои одредени средства за…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Доколку Министерството за внатрешни работи нема можност да издвои одредени средства за да се зголеми опфатот на влијание и опсегот на користење на камерите од системот „Безбеден град“, тогаш и ние како општини, но и Градот Скопје ќе учествуваме финансиски за да помогнеме во целиот процес со цел да имаме побезбеден град и граѓани, изјави вечерва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и претседател на ЗЕЛС. 

Ова, како што рече Ѓорѓиевски, веќе е разговарано со министерот Панче Тошковски, но се уште немаат јасна рамка. 

– Повторно воспоставивме пракса Градот Скопје да заседава со координативното тело со останатите скопски градоначалници. Една од точките беше и ова и кај сите има интерес тоа да го направиме. Тоа од една страна ќе значи многу побезбедни маала, побезбедни јавни објекти, училишта, градинки и т.н. Но, од друга страна ќе значи систем во којшто по неколку наврати нема да се повторуваат инвестициите и парите на граѓаните да се употребуваат по пет пати, хипотетички земено, за обнова на одреден парк, појасни Ѓорѓиевски. 

Реклама

Ѓорѓиевски, исто така, посочи дека 30 години говориме за создавање на систем, а системот, како што рече, сме сите ние и мора да работиме на тоа европски да се однесуваме и законите да важат подеднакво за сите.

– Апсолутно сум свесен дека многумина ќе бидат засегнати од оваа состојба, но нас ни недостасува ред и понекогаш одредени мерки може на краток рок да предизвикаат одредна штета. Како градоначалник на Град Скопје почнав да воспоставувам ред од претпријатијата најпрво, па потоа и третманот на јавни објекти и се останато. Подготвен сум, ако треба и политичка цена да платам за тоа, но некој мора редот да го воспостави. Мислам дека е време тоа да го направиме, изјави Ѓорѓиевски. 

Прашан дали му стигнало предупредување од новиот систем „Безбеден град“, Ѓорѓиевски рече дека внимава како вози и ги почитува правилата и дека засега нема предупредување, нагласувајќи дека се надева дека нема да има казни ниту во иднина.