Стразбур ќе проверува дали имало независност и непристрасност во македонските судови кога одлучувале за набавката на блиндираниот „мерцедес“ – случај познат во јавноста како „Тенк“. Користењето на снимките од прислушкуваните разговори како доказ во судската постапка и нивната автентичност, како и бројните контрадикторности што го следеа процесот се причините зошто Судот во Стразбур ќе го чешла „Тенк. Судот за човекови права треба да оцени дали постојат сериозни индиции за прекршување на правото на фер судење во Македонија за пресудата за екс министерката Гордана Јанкуловска, која беше осудена на четири години затвор – која таа ја одлежа.
Јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција, напиша Јанкуловска на социјалните медиуми.
- „Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“ – наведува Јанкулоска.
Одбраната вели дека судиите во Стразбур ќе проверуваат повреда на речиси сите ставови од членот шест на Конвенцијата кој се однесува право на пристап до суд.

- „Контрадикторност на постапката, еднаквоста на оружјата, брзината со која се одвиваше постапката, во услови кога Гордана само што беше породена, прашања поврзани со независност и непристрасност на судот и повреда на презумцијата на невиност и повредена на правото на пристапност до суд па и самото постоење на суд основан на закон. Би рекол дека станува збор за сите членови што ги опфаќа членот 6 од Конвенцијата што доволно говори за тежината и масовноста на повредите кои што беа сторени во текот на постапката“ вели во изјава за Алфа,ВЛАДИМИР ИЛИЕВСКИ – Адвокат на Гордана Јанкуловска.
Доколку судот во Стразбур утврди дека имало повредена на правата на Јанкуловска, одбраната ќе има право да бара и финансиска отштета од државата. За нејзиниот адвокат тоа и не им е толку битно, затоа што нивното основна цел е судската постапка да биде повторена со почитување на правата на ексминистерката, за што се надеваат дека во догледно време Стразбур ќе го напише во одлуката.
- „Нормално преку барање на одговорност на сите актери кои беа вклучени во оваа судска постапка. Би сакал да кажам дека доколку Судскиот Совет беше на вистината на задачата, доколку имаше минимален интигритет немаше ни да дојде до оваа постапка во Стразбур, крај на 18 и почеток на 19, поднесовме иницијатива за отврдување на одговорност за тогашниот претседател на кривичниот совет Кацарска, но СС одногласно ја одби таа иницијатива, што остави простор ние понатаму во Стразбур да бараме утврдување на одговорност“ вели Илиевски – Адвокат на Гордана Јанкуловска.
Кривичниот суд во 2018 година ја осуди поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска на шест години затвор за набавка на возилото „мерцедес“ во одвоената постапка за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. По жалбите на Јанкулоска кои Апелацискиот суд Скопје делумно ги уважи, првостепената пресуда и беше преиначена само во делот на одлуката за казната и и ја намали на четири години.
