Планот за раст е повеќе од иницијатива, тој е заложба за вистинска промена – рече премиерот Христијан Мицкоски на Самитот на лидерите од Западен Балкан во Тирана, Албанија. Мицкоски вели дека досега се исплатени 24 милиони евра, комбинација од заеми и инвестициски грантови. Оваа година, земјава поднела две барања за исплата и тоа во делот на дигиталните услуги, зајакнување на деловната клима и подобрување на енергетската ефикасност. Мицкоски потенцираше дека реформски чекори се направени во сите сектори. Завршувањето на овие чекори, пак, ќе отклучи дополнителна поддршка од Европа од 134 милиони евра.
„За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел“ – рече Мицкоски.
Премиерот ги посочи и проблемите на евроинтегративниот пат. Тој рече дека не посакува никој да го доживее она што и се случи на Македонија во изминативе повеќе од две децении. Мицкоски потенцираше дека не гледа суштина билатералните спорови да одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки на Европската Унија.

„До крајот на годината очекувам најмалку 8, а можеби и 10 од 12 неисполнети чекори, да бидат реализирани. Остануваат 2 проблематични. Првиот е субвенцијата за електричната енергија која што Владата преку своите механизми ја овозможува за граѓаните, бидејќи цениме дека доколку тоа не се случи, сметките за електрична енергија на граѓаните ќе се поскапат за најмалку 35, 40 проценти. И тој чекор рековме не можеме да го исполниме и нема да го исполниме во овој момент. И вториот е адаптацијата на Изборниот законик“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Комесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, истакна дека прашањето за проширувањето е сè повеќе поврзано со безбедноста. Таа потенцираше дека Европа не може да биде безбедна без земјите од Западен Балкан. Сепак, изјави дека сите земји во регионот мора да се движат со исто темпо во исполнувањето на реформите. Критикуваше дека недостасува напредок во регионалната економска интеграција, која би можела да го зголеми растот на економиите на земјите за 10%. Таа потенцираше дека реформите не се лесни, но ја забрзуваат интеграцијата во Унијата.
„Две од земјите во регионот сè уште не започнале со спроведување на реформите, додека две други имплементирале над 50% од договорените реформи. Што се однесува до средствата, сè уште сме под 10% од вкупниот износ, вкупно 400 милиони евра од пакетот од 6 милијарди евра што се издвоени за регионот, можеме да направиме повеќе и мора да направиме повеќе. ЕК сака планот за раст да биде успешен. Зборував за потребата од интегрирање на сите наши соседи во сите и повеќе различни области на политиките на ЕУ. Сакаме ЕУ да биде опиплива реалност за вашите граѓани денес. Во некои области, оваа работа се оформи. Албанците, Црногорците и Македонците имаат корист од средствата на СЕПА. Но, сакаме сите да продолжите напред подеднакво, никој да не биде оставен зад себе. Сите сте дел од ЕУ. Во јуни ќе истече едногодишниот период за чекање на неисполнети реформи. Ни недостасува напредок во регионалната економска интеграција“ – вели Марта Кос – Комесар за проширување на Европска Унија.
Премиерот на Албанија Еди Рама потенцираше дека Западниот Балкан не треба да биде набљудувач, туку фактор во Европа, и тоа е она што 6-те земји се обидуваат да го направат. Вели дека Западниот Балкан не бара милостина од Унијата, туку сè повеќе докажува дека е подготвен да биде дел од Европа. Едноставно, потенцираше дека не може да има силна Европа и слаб Балкан.
„Западен Балкан не треба да биде гледач, туку фактор и тоа е она што го правиме. Инвеститорите гледаат пазар, работна сила и географија во согласност со ЕУ. Западен Балкан се движи од опасност кон можност. Се движиме од рабовите на мапата кон центарот на нашата европска историја, исто така и преку економијата. Никој не бара да биде награден со слатки. Ние не бараме милостина, ние докажуваме дека секогаш сме подготвени. Нема опција за посилна Европа со послаб балкански регион во нејзината средина. Секој знае, а Марта знае, дека за ваша безбедност, изберете човек од Балканот. Ние сме телохранителите на Европа“ – вели Еди Рама – претседател на Влада на Албанија.
Учесниците на Самитот се согласија дека Западниот Балкан во моментов спроведува најдлабоки реформи досега. Планот за раст предвидува 6 милијарди евра до 2027-ма година. На Македонија и следуваат 750 милиони евра.
