До крајот на неделата ќе биде оценет обвинителниот акт за трагичниот пожар во кочанското кабаре „Пулс“. Од Скопскиот кривичен суд велат дека до петок истекуваат сите рокови за жалба по поднесеното обвинение.
Од приемот на обвинителниот акт, судот ги ангажирал сите ресурси за негова достава до странките и прием на приговорите. Меѓутоа, во изминатите месеци, дел од адвокатите и претставниците на правните лица биле недостапни во нивните канцеларии, поради што доставата, а со тоа и роковите за приговори, се одолговлекувале.
- „Откако обвинителниот акт е доставен до сите обвинети и нивните бранители, на 3 октомври 2025 година истекуваат законските рокови за приговори. Со тоа се исполнети сите услови за оцена и се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет. Јавноста и странките ќе бидат навремено известени“, додаваат од Кривичниот суд.
Од судот велат дека прават максимални напори за да се исполнат сите законски обврски и да се гарантираат правата на странките, со цел предметот да не биде компромитиран понатаму.

Ова соопштение од Кривичен доаѓа по објавениот документарец од ИРЛ во кој се објавија преписки доставени од свиркач помеѓу инспектор од УЈП и Михајло Јовановски кој е син на реалниот сопственик на дисокотеката. Во комуникацијата се гледа дека газдите однапред дознавале кога ќе има инспекција а за возврат давале подароци.
Од обвинителството, пак, велат дека евентуалните пропусти на УЈП, како и на други институции кои не се директно поврзани со трагедијата, се разгледуваат посебно, а за тоа јавноста и семејствата веќе биле информирани во повеќе наврати.
- „Законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение. Дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност не беа предмет на ова обвинение“ велат од ОЈО.
Оттаму апелираат на воздржаност и велат дека потврда оти немаат намера никого да поштедат или прикријат се самите пораки објавени во документарецот кои се дел од доказниот материјал.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, порача дека правда мора да има и дека мора да одговара секој за кој ќе се најдат докази.
- „Јавниот државен обвинител Коцевски, таму видовте и вие, изминатиов период дванаесетина обвинители беа тие коишто работеа на овој случај. Ако е прашањето, дали сум задоволен од работата на обвинителството, мојот одговор ќе биде не сум задоволен. И токму тоа беше причината зошто поддржавме во Парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што треба, секој оној којшто, на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со тој случај да биде изведен пред лицето на правдата“рече претседателот на Владата.
Обвинителниот акт се однесува за 35 обвинети и три фирми, а дополнително се уште трае истрагата за 27 осомничени полициски службеници и функционери.
