Иако многу поскапа од предходните години, Грција и натаму останува број еден дестинација за летување кај граѓаните. Со цени од 500 до 1000 евра за приватно сместување за 7 дена за едно четиричлено семејство, до хотелско сместување од 1200 до 1800 евра, поради близината, јужниот сосед и натаму е магнет за младите, но и за повозрасните туристи од Македонија.
Крпи-закрпи за одмор не останува.. Дел од граѓаните се жалат дека аранжманите, но и организацијата во сопствена режија за годишен одмор, станаа луксуз. Велат се нема пари за основни потреби, а не пак за одмор.
И додека граѓаните се поделени за тоа дали со просечна плата може едно семејство да си дозволи годишен одмор, од туристичките агенции велат дека и оваа година имаат преполни раце работа. Најчесто продавани им се понудите за Халкидики, Албанија и црна Гора, но има и такви кои ги полнат чартерите за Бодрум во Турција и Египет.
Туристичките работници се свесни за финансиската состојба на граѓаните, па затоа имаат поволни понуди на почекот и на крајот на сезоната. Велат, годинава различна е структурата на луѓето кои што патуваат во јуни и септември, во однос на јули и август. Во јули и август одат помладите, кога ги користат главните одмори, а јуни го користат за да ги искористат старите денови од одмор. Пензионерите најчесто патуваат во септември.

Инаку според последната анализа која ја направи Евростат на крајот на мај и почетокот на јуни, покажа дека на секој втор човек во земјава му е тешко да собере пари за одмор. Анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на „Евростат“ покажа дека над половина од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор. Според истражувањето, полоши од нас се Албанија, Романија, Црна Гора и Косово.
