Ниските цени на нафтата во Македонија пример во Европа. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека секаде го прашувале како на земјава и успеава да има и до половина евро пониска цена за литро дизел, во однос на државите од Унијата. Лидерот на СДСМ пак Венко Филипче од собраниската говорница ја критикуваше власта за економските политики и интеграцијата во ЕУ.
-Лаеше за идентитетот, се сеќаваме сите на оние реклами, одеа наведнати луѓе, ти викаше продаден е идентитетот, Преспа го продала, Преспанскиот договор, за сега самиот ти да признаеш дека Преспанскиот договор го заштитил идентитетот, порача Филипче.
-Колку и да сте лоши и слаби, колку и да сте големи предавници на својот род, колку и да не го заштитивте својот род кога имавте можност, тие седум години, јас никогаш нема лош збор да кажам. Колку и да сте криминалци во тие седум години, јас никогаш нема лош збор да кажам. Каде и да одиме, вклучително и вчера во Брисел, каде и да одиме, сите прашуваат како успевате да бидете од 30 центи до 50 центи поевтини од нас за дизел горивата на пример, изјави Мицкоски.
Македонија ги исполнува сите обврски, но на патот ни стои спорот со Бугарија, рече Мицкоски, кој посочи дека земјава добила позитивни оценки во Брисел на Самитот ЕУ – Западен Балкан за реформите.
-Тоа беше од еден од говорниците кажано, погледнете ги Македонциве, први почнаа, први добија статус на кандидат, први ја усогласија надворешната и одбранбена политика, први влегоа во СЕПА, први го затворија сега „Roam at home“. Се прават први, први се по извештаите од реформската агенда, но ете имаат еден проблем, имаат еден проблем и тоа е што е, изјави Мицкоски.
Мицкоски говореше и за законските измени со кои се предвидува младите брачни парови многу полесно да дојдат до сопствен дом. Прецизираше дека доволно ќе биде под 35 години да биде еден од брачните партнери. Како цена од која ќе се смета попустот ќе биде просечната во секоја катастрастка општина во текот на последната година. На пример во општина Центар таа во првите три квартали оваа година била 1915 евра.
-1.915 евра, 20 проценти попуст, тоа значи дека следната година тој што ќе сака да добие дозвола за градба за станбена единица, мора најпрво да оддели 10 проценти станбена површина за овие луѓе кои што ги исполнуваат условите согласно законот и тогаш квадратот ќе биде 1.530 евра. Карпош да речеме, просекот кој што го евидентира Катастарот е 1.386 евра квадрат, со попуст тој би бил 1.110 евра за квадрат, изјави Мицкоски
Со Планот за раст Македонија добила добра вест од претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен. Државава ќе добие додатни средства, кои ги губат Косово, Босна и Херцеговина и Србија. Овие финансии според Мицкоски не само што ќе бидат можност за ликвидност на буџетот, туку и помош за реализација на одредени проекти.
Матеја Петровски

