Над 50 млади од Македонија, Србија и Косово учествуваат на Меѓународната младинска конференција „Младите на маса: Обликување на мирот и безбедноста преку дијалог за политики“, која од 24 до 28 ноември се одржува во Крушево.
Конференцијата ја организира Младинскиот сојуз од Крушево, во рамки на регионалниот проект „PRO PEACE“, посветен на зајакнување на регионалната доверба, стабилноста и безбедноста.
На почетокот на конференцијата беше отворена изложбата „Сеќавање за иднината“, а од денеска на актуелни теми почнаа панел дискусиите. Младите од регионот многу малку се познаваат меѓу себе.

-Ние ги подготвуваме младите да бидат чинители на мирот и безбедноста во регионот, за да може да одговорат на сите глобални предизвици кои може да го дестабилизираат регионот. Целта е да направиме платформа за да се избришат тие „невидливи“ граници кај младите луѓе, отворено да отидат и да ги сретнат своите соседи. Младите не се познаваат доволно, живеат едни покрај други, а не едни со други и лесно може да бидат предмет на манипулација и да бидат злоупотребени за дневно-политички интереси. Претставувањето на етничкиот, културниот и религискиот диверзитет во погрешна насока не е добро. Треба да им дадеме платформа за младите да се запознаат. Младите посетија места со различно значење за да донесат сопствени заклучоци – вели Методија Стојчески, извршен директор на „Младински сојуз“ од Крушево.

Учесниците се согласуваат дека довербата и меѓусебното познавање се клучни за надминување на предрасудите и бариерите, нагласувајќи дека границите често постојат повеќе во свеста на луѓето отколку во реалноста.

