Во рамките на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот на Собранието Африм Гаши, придружуван од претседателката на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска Благица Ласовска и членовите на групата Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати, остварија средба со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, информира собраниската прес-служба.
На средбата било нагласено значењето на партнерските односи меѓу Македонија и Република Хрватска, како и дека двете држави негуваат пријателски односи и споделуваат заеднички заложби за унапредување на билатералната соработка во повеќе области.

– Во однос на европската интеграција, Гаши ја потврдил стратешката определба на Македонија за полноправно членство во Европската Унија, посочувајќи дека е важно и да се зачувуваат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ, со доследна примена на принципот на строга, но правична условеност и вреднување на напредокот врз основа на постигнатите резултати и исполнувањето на копенхашките критериуми.
Во делот на регионалната соработка, била истакната заедничката заложба за унапредувањето на регионалната соработка и добрососедските односи. Била нагласена определбата отворените прашања да се решаваат преку дијалог и компромис, врз основа на заемно почитување имајќи ја предвид заедничката одговорност за стабилноста и напредокот на регионот.

Програмата на официјалната посета предвидувала и средба со министерката за регионален развој и фондови на Европската Унија на Република Хрватска, Наташа Микуш Жигман.
На средбата Гаши информирал дека Македонија активно е вклучена во спроведувањето на Новиот план за раст за Западен Балкан, кој претставува значаен инструмент за забрзување на реформските процеси, поттикнување на економскиот развој и постепено приближување кон единствениот пазар на ЕУ.
Бил изразен и интерес за натамошно продлабочување на соработката со Република Хрватска и размена на искуства во областа на програмирањето, управувањето и користењето на фондовите на Европската Унија, особено во контекст на обврските и можностите што произлегуваат од процесот на пристапување.
Воедно, било нагласено значењето на хрватските искуства и добри практики во подготовката и спроведувањето на развојни проекти финансирани од ЕУ, со посебен акцент на јакнењето на административните капацитети како предуслов за поефикасно искористување на европските фондови.

