Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска денеска во Собранието одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.
На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, покрај претседателката на Групата Даниела Николова, присуствувале и членовите Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова им посакала добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакнала добрите и пријателски односи меѓу Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.
Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња се заблагодарил за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакнал дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.
Соговорниците ја истакнале досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, била нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент ја потврдил поддршката за европските интеграции на Македонија. Тој истакнал дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.
На крајот на средбата, соговорниците изразиле подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

