Македонија е меѓу земјите со најниски цени на храната во Европа, најскапа е Швајцарија, а најевтина Молдавија, покажуваат резултатите од анализата на Еуроњуз.
Разликите се резултат на повеќе фактори, меѓу кои трошоците за работна сила и енергија, но и разликите во приходите и куповната моќ на населението. Според индексот на цени на прехранбените производи, просекот за Европската Унија е поставен на 100. Во Швајцарија индексот достигнува 189,2, што значи дека храната е за 89,2 проценти поскапа од просекот на ЕУ. Меѓу петте најголеми европски економии, Франција е најскапа за купување прехранбени производи. Цените таму се 27,5 проценти над просекот на ЕУ. Над просекот се и Обединетото Кралство, Германија и Италија. Шпанија е единствената од овие пет економии во која цените се под европскиот просек. Најниски цени на прехранбените производи во Европската Унија има Романија, со 33,3 проценти под европскиот просек. Поевтина храна има и во земјите од Источна Европа и Балканот, вклучително и во државите што се кандидати за членство во ЕУ.
Индексот на цените во Македонија изнесува 59,8. Во Босна и Херцеговина е 67,9, а во Србија 68,8. Турција има индекс од 82,1, што е под просекот на ЕУ.

