Реклама

Седрак за изборите во Бугарија: Бугарскиот претседател ќе биде без летимитет, како дома, така и во Брисел

Седрак за изборите во Србија: Се менува политичката култура, многумина студентското движење го сметаат како Шарената револуција

Нови серии, нови технологии-ново лице на ТВ Алфа

Јотова води, Радев загуби: Бугарите со катастрофална излезност го одземаат легитиметот на премиерот и Владата

Божиновска: Не може различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот

ЕУ по изборниот пораз на Вучиќ: „Вратите се отворени, подготвени сме да и помогнеме на Србија“

Дурмиши: Минималната плата ќе продолжи да расте во 2027 година

Ден по тектонскиот потрес: Вучиќ ги пакува куферите, граѓаните во еуфорија, студентите договараат – кој ќе ја води државата

Клучни избори во Србија – голема излезност, крајна неизвесност

Растат цените на квадрат во Штип – рекордот е 1.500 евра

„Св. Еразмо“ по една деценија чекање – новиот болнички блок треба да биде готов до крајот на годината

Бугарија избира нов претседател: Избори за тест на власта на Радев и геополитичкиот курс на земјата

Македонија

Андоновски: Од 360 електронски услуги на Националниот портал, 110 се за правни лица, но дел од нив сè уште не се користат

На Националниот портал за електронски услуги се достапни околу 360 услуги, од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

На Националниот портал за електронски услуги се достапни околу 360 услуги, од кои приближно 110 се наменети за правните лица, но компаниите сè уште недоволно ги користат дел од електронските услуги што можат да им заштедат време и ресурси, истакна денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на средба со претставници на бизнис-секторот во Стопанската комора.

Андоновски ги презентираше можностите за користење на електронските услуги, дигитализацијата на лиценците и регистрите, поддршката преку европските дигитални иновациски хабови, како и новите програми за финансирање иновативни проекти и развој на решенија засновани на вештачка интелигенција.

Средбата беше иницирана од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, со цел компаниите да се запознаат со практичните придобивки од дигитализацијата и да се отворат прашањата за административните пречки со кои се соочуваат во работењето со институциите.

Реклама

Андоновски посочи дека во изминатите шест години Министерството за дигитална трансформација имало шест министри, со различни проекти, визии и приоритети, поради што првата година од актуелниот мандат била посветена на стабилизација на внатрешните системи и организациските процеси, а потоа поинтензивно се пристапило кон соработка со другите институции.

Тој нагласи дека една од главните цели е компаниите да можат да ги завршуваат административните постапки електронски, без посета на шалтер и без физичко доставување документи.

Националниот портал uslugi.gov.mk овозможува правните лица да поднесуваат барања и да добиваат услуги во име на компанијата што ја претставуваат. За пристап е потребно средство за електронска идентификација, соодветно ниво на електронски потпис и избор на компанијата при најавувањето. Порталот комуницира со постојните државни регистри преку платформата за интероперабилност, на која се приклучени повеќе од 90 институции. На тој начин се намалува потребата од рачно внесување податоци и доставување документи што веќе се достапни во институциите. Секое поднесено барање добива единствен идентификатор, преку кој корисникот може да го следи статусот на постапката. Доколку е потребно дополнување на документацијата, компанијата добива известување, а конечните решенија и документи се доставуваат во електронското сандаче на порталот.

Андоновски најави дека во подготовка е и регистар на овластувања, преку кој компаниите ќе можат да овластуваат и други лица да ги користат електронските услуги во нивно име, а не само одговорното лице. Можноста ќе се однесува на вработени, нотари, адвокати и други овластени претставници, при што компаниите ќе можат да ги следат и да ги повлекуваат овластувањата.

Истото решение се планира и за физичките лица, кои ќе можат да овластат друго лице да презема документи и да завршува постапки во нивно име.

Министерот посочи дека анализата на најкористените електронски услуги покажала значителен интерес за издавање уверенија и потврди, вклучително и документи за студентски статус, работен стаж, плати и надоместоци, потврди од казнена евиденција и уверенија за државјанство. Меѓу услугите што се користат електронски се и обновувањето дозволи за оружје и добивањето документи од судовите.

-Последниве години ги извадивме топ петте, најголема фреквентност имаат ваучерите за студенти, беа извадени 45.000 , потоа се уверението за стаж, плати и надоместоци от ПИОМ и од Агенцијата за вработување – 42.500, образец за запишани студенти,  ова ни е соработката со Заводот за статистика  – 47.000, набавка на оружје е секогаш најинтересниот, 25.000 корисници имаме за обновување на нивните дозволи за оружје. Потврда од казнена евиденција, можностите како што судот ги нуди за казнени кривично прекршочни евиденција целосно електронски издаваат 20.000, уверение за државјанство 15.000, извод матична книга на родени 13.000 корисници – рече Андоновски. 

Сепак, додаде тој, кај дел од услугите наменети за правните лица се забележува помала употреба, иако тие се достапни електронски.

-Поентата е дека приватниот сектор не ги користи услугите што му стојат на располагање за правните лица. Тоа е изгубено време, ресурси и енергија и од ваша и од наша страна – ние да дигитализираме преку 2000 постапки, а вие и понатаму да одите на шалтер или да чекате редица за нешто што може целосно електронски да се заврши, истакна Андоновски.

Како пример за целосно дигитализирана постапка, Андоновски го посочи електронското поднесување барања за дозволи за оружје, при што административниот дел од процесот се спроведува електронски, додека проверките и исполнувањето на законските услови остануваат задолжителни.

Тој се осврна и на проектот за смарт-лиценци, кој предвидува целосно електронска постапка, следливост на предметите и единствен официјален запис за издадените лиценци. Три електронски регистри и шест услуги за издавање и обновување лиценци се достапни во рамки на процесот на дигитализација на административните постапки, со што се овозможува следливост на барањата, електронска комуникација со институциите и јавна проверка на издадените лиценци преку QR-код.

Андоновски посочи дека идејата за воспоставување ваков систем се развила по трагедијата во Кочани, од потребата да се обезбеди следливост при издавањето лиценци и процесот да се одвива автоматски, без да зависи од поединечните институции.

– Поднесувањето на компанијата е електронско, го испраќаат до институцијата, со единствени идентификатори на предметот, архивски број и статус на процесот. Овластените службеници ги проверуваат документите, ви бараат дополнувања каде што тоа е потребно, а решенијата ги добивате кога постапката ќе биде завршена, во електронското сандаче, објасни министерот.

Како што посочи, документите се електронски потпишани и заверени со QR-код, преку кој може да се провери нивната валидност. Издадената лиценца потоа е достапна во јавен регистар, што овозможува проверка на податоците без да се потпирате само на хартиена копија или на електронски документ во PDF-формат.

Во моментот се достапни три електронски регистри и шест услуги, а Андоновски најави дека во текот на наредната недела, во соработка со Министерството за економија, ќе бидат промовирани дополнителни услуги поврзани со угостителската дејност.

Меѓу нив се услугите за продажба на алкохолни пијалаци, како и за различни видови угостителски објекти, меѓу кои кафулиња, ноќни клубови, дискоклубови и угостителски објекти со отворен простор, како и објекти за сместување и нивна категоризација.

Тој упати повик до приватниот сектор да бара од институциите овие услуги да ги спроведуваат исклучиво електронски, со оглед на тоа што системот веќе е достапен, иако засега компаниите сè уште имаат можност да изберат и хартиена постапка.

Како особено значајна придобивка од системот, Андоновски ја издвои јавната проверка преку QR-кодот, кој при скенирање го упатува корисникот директно на актуелниот регистар. На тој начин може да се провери дали лиценцата е важечка и дали конкретната компанија навистина ја поседува, наместо да се проверува само копија од документот.

– Јавната проверка со QR-код е интересна затоа што при скенирање ве носи на жив регистар, каде што се покажува дека лиценцата е важечка. Не на фотокопија, не на PDF-документ, туку на жив регистар кој во моментот покажува датум, институција и дека таа компанија има лиценца, рече Андоновски.

На презентацијата посебно внимание беше посветено на дигитализацијата на услугите за извозниците на вино и земјоделски производи, вклучително и тутун. Според анализата направена во соработка со Стопанската комора, сертификатите за извоз на вино и за квалитет на земјоделските производи се меѓу најкористените услуги во бизнис-секторот, со приближно 20.000 трансакции годишно за двете услуги.

Андоновски рече дека административниот дел од постапките е дигитализиран, од поднесувањето на барањето до евиденцијата и добивањето на конечниот документ, додека физичките проверки, земањето мостри и лабораториските анализи остануваат неопходни таму каде што се предвидени.

Тој, сепак, изрази загриженост поради слабата употреба на електронските услуги откако биле ставени на располагање.

-Целосно се достапни, но, за жал, досега нема значителен интерес за нивно користење. Можно е компаниите да не се доволно информирани, поради што е важно Министерството и Стопанската комора заеднички да работат на промовирање на овие можности, рече Андоновски

Министерот говореше и за тоа дека компаниите можат да добијат поддршка за дигитална трансформација и преку европските дигитални иновациски хабови, меѓу кои се ИнноФејт и ДигитМак, во кои се вклучени универзитети, експерти, компании и стопански организации.

Преку овие хабови, бизнисите ќе можат да тестираат дигитални технологии и решенија засновани на вештачка интелигенција пред да инвестираат во опрема, да изработуваат прототипови, да добиваат специјализирани обуки за вработените и менаџерите, како и да се поврзуваат со домашни и европски партнери и потенцијални финансиери.

Андоновски нагласи дека советувањето, тестирањето и обуките се достапни бесплатно преку овие програми, а поддршката е наменета особено за малите и средните претпријатија што немаат доволно ресурси самостојно да ги истражуваат и воведуваат новите технологии.

Меѓу приоритетните области се земјоделството и прехранбената индустрија, информатичко-комуникациските технологии, електромеханичката индустрија, Индустрија 4.0, одржливите материјали и паметните згради. Сепак, можностите не се ограничени само на овие сектори.

Како примери за практична примена, министерот ги посочи паметните контејнери со сензори што овозможуваат следење на нивната исполнетост и оптимизирање на собирањето отпад, како и дигиталните платформи за туризам и сместување, со кои може да се подобри туристичката понуда на општините.

Тој информираше и дека преку досегашните активности биле обучени околу 400 наставници за примена на вештачката интелигенција во основното образование, а обуките продолжуваат и во средното образование. Обучувани биле и административни службеници за примена на дигитални алатки во секојдневното работење.

Андоновски најави и нов циклус поддршка за иновациски проекти преку Агенцијата за иновации, со вкупна вредност од околу 25 милиони евра во рамките на европскиот проект „Competitiveness and Business Facility“, за периодот од 2026 до 2030 година.

Како дополнителна можност за домашните компании, Андоновски го посочи проектот „Везелка.мк“, насочен кон развој на голем јазичен модел на македонски јазик базиран на вештачка интелигенција.

Проектот може да им помогне на стартап-компаниите и малите и средните претпријатија да развиваат апликации и нови дигитални производи на македонски јазик, да ги автоматизираат процесите и да ја подобрат комуникацијата со клиентите.

Преку соработката со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), компаниите ќе можат да побараат процена на подготвеноста за развој на прототипови и пилот-проекти, техничка поддршка и пристап до знаење и пресметковни ресурси преку поширокиот европски технолошки екосистем.

Андоновски посочи дека целта е домашните компании да добијат пристап до технологија и експертиза што ќе им овозможат да развиваат решенија приспособени на потребите на македонскиот пазар.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, од своја страна истакна дека дигитализацијата и поедноставувањето на административните процедури се од исклучително значење за бизнис-заедницата и дека е неопходно да се утврдат јасна агенда, приоритети и конкретни чекори за наредниот период.

Тој посочи дека подобрувањето на административните процеси е предуслов за зголемување на конкурентноста на домашните производи и создавање подобри услови за извоз и меѓународна размена.

-Секогаш ми е идејата да зборувам отворено, без оглед на ситуацијата, и да ги слушнеме предизвиците со кои се соочуваме, рече Азески, нагласувајќи дека целта на средбата е да се разгледаат досегашните резултати и да се договорат конкретни активности меѓу Министерството и бизнис-заедницата.