Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово ќе ангажира 10 работници на определено време преку агенција за привремени вработувања, откако Советот на Општина Куманово даде согласност за нивниот ангажман.
Установата, во која престојуваат над 170 корисници, подолг период се соочува со недостиг на персонал, поради што ангажирањето дополнителни работници е неопходно за непречено функционирање и обезбедување квалитетна грижа за старите лица.
Директорот на домот, Александар Крстевски, пред советниците посочил дека установата работи со максимална исполнетост на сместувачките капацитети и има потреба од дополнителен кадар за секојдневно згрижување и нега на корисниците.

– Согласно нашата дејност и надлежност, континуирано обезбедуваме услуги за сместување, згрижување и нега на старите лица. Работиме со максимална исполнетост на сместувачките капацитети и имаме потреба од обезбедување континуирана и квалитетна услуга. Затоа бараме ангажирање на 10 работници кои непосредно ќе учествуваат во обезбедувањето грижа, нега и помош на корисниците – изјави Крстевски.
Тој појасни дека и во претходните години установата доставувала барања до Советот на Општина Куманово за согласност за ангажирање работници на определено време, согласно реалните потреби за непречено извршување на дејноста. Пред советниците, тој кажа дека домот навремено ги доставува и барањата до надлежното министерство за добивање согласност за вработувања на неопределено време, но и оваа година одговорите биле негативни.

– Без овие работници ние како институција не би можеле да функционираме. Средствата за нивниот ангажман се обезбедени од сопствени средства, при што нема да се наруши финансиската состојба на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ и установата ќе продолжи редовно да функционира – изјави Крстевски.

