Потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски на денешната средба со потпретседателот на полскиот Сејм Шимон Холовња му ги презентирал случувањата во Македонија, нашите достигнувања, предизвици на патот на европските интеграции, но и очекувањата во следниот период да имаме дополнителна можност за техничка поддршка од страна на Полска за секое прашање кое е поврзано со европските интеграции. Холовња, пак, на заедничката прес-конференција истакна дека треба да го искористиме моментот бидејќи во текот на следната година, имајќи ги предвид геополитичките случувања, но и изборите во некои европски земји, можеби ќе има друга политика поврзана со проширувањето и Западниот Балкан.
Милошоски изрази благодарност за принципиелната и континуирана поддршка што Полска ѝ ја дава на нашата држава на патот кон полноправно членство во Европската унија. Тој нагласи дека европската интеграција останува стратешки приоритет, при што напредокот во пристапниот процес треба да се темели на објективни критериуми, спроведени реформи и постигнати резултати.
Соговорниците го истакнаа значењето на политиката на проширување на Европската унија како важен фактор за стабилноста, безбедноста и економскиот развој на европскиот континент. Во тој контекст, беше нагласена важноста од задржување на кредибилната европска перспектива на земјите од Западниот Балкан.
Милошоски на прес-конференцијата истакна дека во однос на билатералната соработка меѓу нашата земја и Полска има голем простор за унапредување на трговската размена, културата, туризмот, одбраната и многу други сектори, бидејќи Полска е една од најстабилните и најбрзорастечките економии во земјите членки на ЕУ.
– Оваа меѓупарламентарна дипломатија исто така цениме дека е многу важна за подигнувањрто на видливоста на Македонија како држава помеѓу активните политичари во полскиот Сејм, а со самото тоа и во полското општество – изјави Милошоски. На средбата тој нагласил дека постои значителен простор за зајакнување на соработката меѓу Собранието и полскиот Сејм и за таа цел потребата од почести меѓупарламентарни средби, размената на искуства и соработката меѓу пратеничките групи за пријателство и парламентарните комисии.

На прес-конференцијата Холовња рече дека тука се дојдени да ја пренесат силната поддршка за нашите евроинтеграции. – Сакаме да ви кажеме отворено и искрено дека ние ве поддржуваме на вашиот пат кон Европската унија, дека e застрашувачки што дваесет години чекате да бидете прифатени во нашата европска заедница. Секако дека вие сте дел од Европа – рече потпретседателот на полскиот Сејм.
Во овој геополитички момент секоја земја треба да ја знае својата страна, а, како што рече Холовња, вашата страна е јасна бидејќи вие правите избор.
– Ние одиме во ист правец, но мислам дека во моментов времето малку работи против нас и дека процесите треба да се забрзаат и од европска страна, но и од македонската страна исто така бидејќи вашата земја ни е потребна како уште еден европски столб на стабилност и соработка во нашата ЕУ – рече Холовња.
Холовња ја предводи делегацијате од полскиот Сејм која се сретна со парламентарната група за соработка со нашиот Парламент, а потоа денеска тие ќе се сретнат и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.

