Реклама

Клучни избори во Србија – голема излезност, крајна неизвесност

Растат цените на квадрат во Штип – рекордот е 1.500 евра

„Св. Еразмо“ по една деценија чекање – новиот болнички блок треба да биде готов до крајот на годината

Бугарија избира нов претседател: Избори за тест на власта на Радев и геополитичкиот курс на земјата

УЈП ги повика граѓаните кои имале заработка од странство во 2021 година да платат данок

Најнеизвесни избори во Србија, студентите против Вучиќ

Еколошки грабеж без крај: Јабланица опустошена од дрвокрадци и намерни пожари

Почна реконструкцијата на кровот на штипската Клиничка болница

Немири во Европа, Македонија засега безбедна: На одредени странски сили би им одговарало тука да има нестабилност

Свечена академија „Свои на своето“- Мицкоски: Ова е нашето време и наша одговорност, да изградиме Македонија во која вреди да се живее

Имунизација против грип: Вакцината е клучна за ранливите, но не е за секого

Акциски план за малцинствата пред Бугарите во Уставот – стратегија за заштита на националните интереси

Македонија

„Црнилата на себеубивањето“ во КИЦ Софија – сеќавање на Ѓорче Петров низ драмата на Коле Чашуле

По повод убиството на Ѓорче Петров, извршено на една од софиските улици,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

По повод убиството на Ѓорче Петров, извршено на една од софиските улици, денеска во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи настанот „Црнилата на себеубивањето“, посветен на книжевното толкување на еден од трагичните настани во македонската политичка историја.

Во фокусот на настанот е драмското творештво на Коле Чашуле, особено драмскиот текст „Црнила“, во кој убиството на Ѓорче Петров станува повод за продлабочено промислување на историските заблуди, идеолошките судири и трагичните последици од разединувањето во македонското револуционерно движење.

„Црнила“ е дел од драмскиот циклус на Чашуле, во кој влегуваат и драмите „Суд“ и „Житолуб“. Трите дела обработуваат значајни моменти од македонската политичка историја на почетокот на XX век.

Реклама

„Суд“ се навраќа на настаните пред Смилевскиот конгрес во 1903 година и на процесите што ќе имаат тешки последици за македонското револуционерно движење и за Илинденското востание. „Житолуб“, пак, го тематизира периодот пред Балканските војни, кога Македонија ќе биде поделена меѓу соседните држави, а судирите и ликвидациите на претставниците на автентичното македонско револуционерно движење ќе продолжат да ја обележуваат нејзината судбина.

Преку овие драмски дела, Чашуле ја претвора историјата во простор за критичко преиспитување на политичките избори, предавствата, идеалите и човечките трагедии. Во „Црнила“, историската драма преминува во лична драма, а посегањето по идеалот, заробено во заблуди и внатрешни противречности, добива трагични размери.

Особено значајно место во творештвото на Чашуле има свеста за улогата на литературата во одбраната на јазичниот и националниот идентитет. За него, пишувањето на македонски јазик не е само книжевен чин, туку и чин на опстојување и борба.

„Да пишуваш во Македонија значи да се бориш“, е мислата на Чашуле која ја нагласува нераскинливата врска меѓу литературата, јазикот, историското паметење и националната егзистенција.

Настанот „Црнилата на себеубивањето“ ќе отвори простор за книжевно и историско согледување на трагичните процеси што го обележале македонското минато, но и за размислување за нивните пошироки значења.

Делата на Коле Чашуле потсетуваат дека трагедијата не се исцрпува во историскиот чин, туку продолжува да живее во колективната меморија, во литературата и во прашањата што секоја генерација одново ги поставува за идеалите, одговорноста и цената на внатрешните поделби, наведуваат од Македонскиот културно-информативен центар во Софија.