Силни пораки за интеграцијата на Западниот Балкан во Европската Унија и суштински дискусии за економскиот развој. Ова се очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски од денешниот Самит на Берлинскиот процес што се одржува во Црна Гора.
Пред почетокот на состаноците, Мицкоски истакна дека македонското досие е сложено и дека земјата одамна заслужила да ги почне преговорите, кои сè уште ги нема започнато поради, како што рече, вештачки причини. Сепак, тој потврди дека Владата останува целосно посветена на реформската агенда и европскиот пат.
Во своето обраќање, Мицкоски се осврна и на сложената геополитичка и економска ситуација, посочувајќи ги војните во Украина и со Иран, како и кризата на финансиските пазари и протестите низ Европа, нагласувајќи ја подготвеноста на земјава да придонесе во надминувањето на овие предизвици.
„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите. Живееме во многу предизвикувачки времиња. Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока“, изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.
Членството на Црна Гора во Европската Унија е остварлива цел, а земјата постигна голем напредок и речиси ги приведе кон крај пристапните преговори, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц на денешниот самит. Toj истакна дека реформите, политичката волја и регионалната соработка се од клучно значење за целиот Западен Балкан. Тој исто така укажа на важноста од зачувување на мирот, отфрлање на насилството и надминување на минатото, a посебен акцент стави на потребата за нормализација на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
„Протестите во регионот нè потсетуваат дека мора да продолжиме со проширувањето и зацврстувањето на мирот. Кога се соочуваме со протести, било во Европската Унија или на друго место, насилството не смее да биде опција за ниту една страна. Многу е тешко да се напредува ако минатото постојано нè кочи. Поларизацијата никогаш нема да донесе поуспешна Европа. Го отфрливме величањето на воените злосторници и, ако сакаме подобра иднина за нашите деца, не смееме дополнително да поттикнуваме судири. Мораме да го нормализираме дијалогот меѓу Приштина и Белград“, рече Мерц.
Мерц повика на одговорност и конкретни чекори во решавањето на отворените прашања во регионот и нагласи дека Германија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива на Западен Балкан.
На самитот со кој претседава црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, во фокусот се зајакнувањето на Заедничкиот регионален пазар, безбедноста и зелената транзиција..

