Европската Унија издвојува средства за зајакнување на воените капацитети и безбедноста на земјава, а преку различни финансиски инструменти ја поддржува и нејзината патна, железничка, енергетска и дигиталната поврзаност, истакна евроамбасадорот Михалис Рокас. Тој нагласи дека ЕУ е силно посветена на тоа Македонија што е можно поскоро да стане членка на Унијата, оценувајќи дека регионалната поврзаност и зајакнувањето на отпорноста се особено важни во актуелната геополитичка реалност.
Говорејќи на панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, Рокас посочи дека преку Европскиот мировен инструмент за земјава се издвоени речиси 65 милиони евра, а се очекува наскоро да се обезбедат дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата.
– Затоа сакаме да понудиме одговор и во сферата на безбедноста. Токму затоа, преку Европскиот мировен инструмент издвоивме речиси 65 милиони евра за Северна Македонија. Се надеваме дека наскоро ќе успееме да обезбедиме дополнителни 40 милиони евра за зајакнување на воените капацитети на земјата и, како членка на НАТО, за унапредување на нашата безбедност, рече Рокас.
Тој нагласи дека одговорот на Европската Унија и на Владата на актуелните предизвици е сеопфатен, бидејќи поврзаноста, економската стабилност и безбедноста се меѓусебно зависни.
– Како што гледате, нашиот одговор, односно одговорот на земјите членки на Европската Унија и на Владата тука, е сеопфатен. Се обидуваме на сите овие прашања да гледаме низ иста призма – истакна евроамбасадорот.
Во однос на инфраструктурната поврзаност, Рокас потсети дека ЕУ ја поддржува уште од 2007 година, преку повеќе финансиски инструменти. Преку Инструментот за претпристапна помош, како што наведе, биле издвоени 1,2 милијарди евра, дополнителни 1,8 милијарди евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и 750 милиони евра преку Планот за раст на ЕУ, кој во Македонија се спроведува преку Реформската агенда.
Тој појасни дека поддршката не се однесува само на патната и железничката инфраструктура, туку и на енергетското и дигиталното поврзување, како и на други активности, вклучително и техничката помош потребна за реализација на проектите.
Како една од причините за вложувањата во поврзаноста, Рокас ја посочи посветеноста на ЕУ на европската интеграција на земјава, но и фактот дека нарушувањата на синџирите на вредности имаат последици врз поширокиот регион и врз Унијата.
– Силно сме посветени на тоа Северна Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. Но, ова влијае и врз нас и е многу важно за нас. Не станува збор само за фактот дека два витални коридора, Коридорот 10 и Коридорот 8, се вкрстуваат на само малку растојание од Скопје. Причината е и тоа што сме свесни дека денес имаме синџири на вредности и дека дури и ако се наруши само еден мал дел од нив, тоа влијае врз сите нас, нагласи евроамбасадорот.
Осврнувајќи се на поширокиот геополитички контекст, Рокас оцени дека светот денес се соочува со голема неизвесност, војни и конфликти што ги нарушуваат трговијата и транспортните рути, ги зголемуваат цените и создаваат дополнителен притисок врз домаќинствата.
Тој ја спомена руската агресија врз Украина, конфликтите на Блискиот Исток и војните на африканскиот континент, вклучително и во Судан и Мали, посочувајќи дека тие влијаат и врз миграциските текови. Според него, мултилатералниот систем, создаден по Втората светска војна за изнаоѓање решенија за конфликтите, денес е сериозно ослабен.
– Земјите ширум светот, вклучително и европските, се соочуваат со тешкотии поради цените, а домаќинствата се под притисок. Не е лесно политичките елити или раководството на ЕУ да излезат и да кажат: „Извинете, тоа е поради војните, мора да најдете решенија“. Во таква ситуација сме денес – истакна Рокас.
Според него, токму поради ваквите предизвици, заедничката работа и поврзувањето се неопходни за градење отпорност и обезбедување стабилност.
Панел-дискусијата „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Македонија во новата геополитичка реалност“, е во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

