Двајца турски државјани, на возраст од 36 и 22 години, се уапсени под сомнение дека заедно со уште едно лице се обиделе да убијат двајца 26-годишни сонародници во стан во скопската општина Карпош.
Осомничените влегле во станот и со повеќе убоди со нож со умисла се обиделе да го лишат од живот едниот од оштетените. Другиот се обидувал да ги спречи, но и тој бил повреден во раката.
Сите тројца осомничени се обиделе веднаш да ја напуштат државата преку граничниот премин Блаце. Двајца биле запрени и приведени, а за нив е поднесен предлог за определување мерка притвор.
Третиот осомничен, за кој постојат сомненија дека им помогнал, според информациите од граничните власти, успеал да избега на Косово. За него надлежниот јавен обвинител предложил определување притвор по пронаоѓањето и лишувањето од слобода, со цел да биде распишана меѓународна потерница.

