Уапсени 16 луѓе, при претреси на повеќе од 47 локации низ Македонија. Ова е епилогот од големата полициска акција која МВР ја спроведе викендов, а во која полицијата користеше и полициски кучиња, трагачи кои откриле голема количина на дрога, пиштоли, пушки и муниција. Претресите ги спроведе Одделот за криминалистичка полиција, во координација со секторот за внатрешни работи и Единицата за службени кучиња. Во акцијата биле откриени и голема количина и на марихуана, повеќе пакувања кокаин, како и помали пакувања кои биле наменети за понатамошна продажба.
„При претресите биле пронајдени поголема количина марихуана, повеќе пакувања кокаин, меѓу кои и мали пакувања подготвени за понатамошна продажба. Полицијата одзела и пиштоли, пушки, разновидна муниција, парични средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела“, велат од МВР.
Досега се поднесени 11 кривични пријави за недозволена трговија со дрога и нелегално изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Надлежните најавија уште поголеми засилени активности за откривање и целосно сузбивање на криминалот.
„Во текот на акцијата од слобода се лишени 16 лица, а поднесени се 11 кривични пријави за кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Ова е само една во низата полициски акции што МВР ги спроведува во изминатиот период. Претходно, полицијата изврши контроли на повеќе од 60 угостителски објекти, дискотеки, казина и обложувалници, при што биле констатирани неправилности, а дел од објектите беа затворени. Во друга голема акција, пак, беа извршени претреси на 32 локации во Скопје поради сомневања за фалсификување возачки дозволи, вклучително и во службени простории на МВР.

