Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски учествува на Форумот на градоначалници на Обединетите нации – „UN Forum of Mayors 2026“ во Женева, како единствен претставник од земјава.
Како што информираат од прес-службата на Општина Ѓорче Петров, учеството на овој меѓународен форум претставува можност за претставување на општинските искуства и постигнувања, размена на добри практики со градоначалници од различни земји и развивање партнерства за идни заеднички проекти.

-Општина Ѓорче Петров ја гради меѓународната соработка како важен дел од својот локален развој. Преку партнерства и учество во меѓународни иницијативи, општината го зајакнува својот капацитет за реализација на проекти, воведување нови решенија и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Присуството во Женева отвора дополнителни можности за соработка во областите на одржливиот развој, климатската отпорност, уредувањето на јавните простори и унапредувањето на јавните услуги. Целта е стекнатите знаења и воспоставените контакти да придонесат кон конкретни активности и проекти во Ѓорче Петров – се вели во соопштението на општината.
Со учеството на „UN Forum of Mayors 2026“, како што се посочува во општинското соопштение, Ѓорче Петров ја потврдува својата определба за отворена, активна и посветена локална самоуправа, која преку меѓународна соработка создава нови можности за своите жители.

