Ива Михаилова избега во Бугарија. Таа тврди дека легално ја поминала границата, но ниту макеоднското МВР, ниту бугарското не евидентирале излез, односно влез на 23 годишната девојка обвинетата за сообраќајна несреќа со смртни последици, која поради тоа остана без пасош.
По пристигнувањето во соседната земја, кочанчанката со бугарска самосвест даде изјава за тамошните медиуми, заедно со нејзиниот бугарски адвокат со кого заедно ја напуштиле Македонија. Тврди дека заминала зошто не се чувствувала безбедно во земјава и морало да се лекува во болницата Пирогов во Софија.
-Точно една година и неколку дена бев целосно репресирана од македонската држава, токму поради моето бугарско потекло и самосвест. Како се чувствувате физички. Не се чувствувам добро и затоа сме тука, затоа го донесовме ова решение и останува да видиме. Знаете ли колку време ќе останете? Во Бугарија? Да. Не знам, не можам да ви кажам. Планирате ли да се враќате во Македонија? Тоа ќе процениме понатаму, изјави Михаилова.
И нејзиниот адвокат Николај Димитров вели дека минале легално, но не баш дипломатски. Од проценката на лекарите и чувствата на Михаилова ќе зависело дали и кога би се вратила.
-Како се случи тоа од административен аспект? Од Министерството за надворешни работи велат дека не знаеле. Тие не се должни да знаат. Министерството за надворешни работи работи по дипломатски пат. Нашиот пат не е многу дипломатски, но во случајов мораше да се постапи така. Ќе има ли последици? Нема поголема последица од тоа таа да остане без соодветно лекување во својот град, понижувана, со две патролни возила, со незаконски влегувања во домот, само затоа што се изјаснува дека е Бугарка, изјави Димитров.
Од македонската полиција велат дека од државата не е евидентиран излез на лицето Ива Михаилова. Од МВР соопштуваат дека според податоците од граничните евиденции, таа последен пат влегла во Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година се вратила во Македонија.
-Министерството за внатрешни работи изврши проверки во системот за гранична контрола, при што е утврдено дека за лицето Ива Михајлова, за кое е во сила активна судска забрана, нема евидентиран излез од територијата на Македонија. Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија, изјави Андреевски.
Од Обвинителството велат дека на Ива Михаилова и биле одземени двата пасоши, а имала и забрана за напуштање на својот град.
-На обвинетата и беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), и беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа, велат од ОЈО.
И претседателката на Бугарија Илијана Јотова ќе чекала на извештајот од лекарите. Најави и средба со Михаилова.
-Ќе почекаме да видиме каков е заклучокот на бугарските специјалисти. За жал, до овој момент, никаква информација не можам да ви дадам, изјави Јотова.
Министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Дерменџиев порача дека Ива Михаилова ќе биде испрашана за тоа кога и како ја минала границата.
Инаку и нејзиниот татко Симеон Михаилов исто така е во бегство во Бугарија и тврди дека е жртва на македонскиот систем. Тој во Македонија е обвинет за обид за убиство на Драганчо Стоименов, во случај поврзан со кочанската група „Детонатор“, а бил осуден за злосторничко здружување и насилство.
Матеја Петровски

