По 27 месеци од доаѓањето на оваа Влада, економските показатели упатуваат на тоа дека земјата се движи во вистинска насока. Премиерот Мицкоски со доза оптимизам зборуваше за плановите Македонија да ја подобри својата геостратешка позиција на Балканот, но и во Европа. Тој рече дека со изградбата на автопатиштата, гасните интерконектори со Србија и Грција, пругите, како и на далноводот кон Албанија, Македонија станува важна крстосница што се темели на 4 столба: патната, железничката, гасната и енергетската инфраструктура.
„Очекувам следната година пуштање на гасоводот кој ќе ја поврзе земјата со нашиот јужен сосед. Започнати се работите на гасниот интерконектор со нашиот северен сосед. Се работат автопатските делници и поврзувањата кои се дел од Коридорот 8 и 10д. Очекувам на Коридорот 10д, првите километри да бидат пуштени следната година, се работи интерконекторот на високонапонско ниво. Геостратешкото значење на земјата станува навистина нешто кое што претставува поголема моќност за сите граѓани, но претставува и предуслов да се развиваат современи индустрии, а државата добива навистина нешто поголемо, голема додадена вредност кога станува збор со споредбата и компарацијата со годините во во минатото“ – рече Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека од држава, која , како што кажа, била во амбисот пред повеќе од две години, сега во време на една од најголемите енергетски кризи, може да се пофали со висок економски раст, 5-ти најголем во Европа и умерена инфлација во третиот квартал, за 25% помала од просекот во Европската Унија.
„Во вториот квартал , растот на БДП е 4,3% и е во првите пет во Европа и убедливо е меѓу најголемите во регионот, ако не и најголем, Истовремено, значајно е да се напомене дека се консолидирани од аспект на трошоците на живот, инфлацијата во третиот квартал во просек е 2,5%. Било каде во соседството, дали е нашиот јужен, источен, западен сосед, ќе забележите инфлација од 5 и повеќе проценти“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Консолидацијата на финансиите е евидентна, вели премиерот. Државната статистика го ревидирала економскиот раст во 2024 година од 3% на 3,8%, со што земјава има помал јавен долг како процент од БДП. Мицкоски нагласи дека доброто и одговорно управување со државните пари резултирало со задржување на стабилниот кредитен рејтинг кај сите меѓународни агенции.

