Животното дело на Мајка Тереза треба да биде лекција за сите, а нејзината порака дека хуманизмот и мудроста треба да бидат водич за сите нас – порачаа вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали и косовскиот премиер Аљбин Курти на свеченоста за одбележување на 116-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, што се одржа денеска во Музејот на современата уметност во Скопје.
– На овој ден милиони луѓе од целиот свет со почит се сеќаваат на Мајка Тереза, на оваа голема жена со големи дела. Денес целиот свет ја почитува оваа голема жена, оваа светица. Денес ја почитуваат милиони луѓе, кои слават со своите умови и срца. Денес ја почитуваат и жителите на Скопје, од нејзиното родно место, каде што е родена и каде што пораснала – рече вицепремиерот Сали на централниот настан за одбележување на роденденот на Мајка Тереза.
Сали посочи дека нашиот град Скопје денес се гордее на оваа личност и денес од тука ја испраќаме нејзината порака дека религијата, нацијата или општествениот статус не треба да бидат пречка за луѓето, туку, напротив, вредностите на хуманизмот, мудроста и жртвата за другите треба да бидат водич за сите нас.

– Мајка Тереза не припаѓаше само на луѓето од една нација или една религија. Таа им припаѓаше на сите. Мајка Тереза го воздигна името на скопјани високо, но денес таа стана симбол на целото човештво. Од Скопје ја испраќаме пораката во име на сите граѓани дека мора да продолжиме по својот пат, како што некогаш изјави папата Франциск: на светот му требаат повеќе хуманизам, повеќе разбирање и повеќе мир – посочи Сали.

Тој истакна дека за сите нас пораката на Мајка Тереза не е само за едно време, тоа е порака за сите времиња, за сите генерации – а тоа е дека кога денес гледаме како светот се соочува со предизвици, мора да бидеме отворени за сите и оти човештвото нема граници.
– Нејзиното дело треба да биде лекција за сите – заклучи министерот Сали во своето обраќање.
Косовскиот премиер Курти рече дека Мајка Тереза му даде на светот извонреден пример – жена што со својата посветеност, со својата љубов кон луѓето го направи своето име познато во целиот свет, како една од најголемите личности на човештвото.
– Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир како признание за својата голема работа, за сите тие години од животот што ги посвети на служење на сиромашните, болните и оние кои што маа голема потреба од помош. Таа е родена тука во Скопје и од тука го почна своето патување, кое подоцна се прошири во целиот свет – рече Курти.

Таа, додаде тој, потоа го слушна својот повик, повикот да стане калуѓерка и да се посвети на религиозниот живот, да им помогне на сите оние во нужда.
– Нејзината работа беше поврзана со сите луѓе, без оглед на националноста, религијата или расата. Таа работеше за сите и стана една од најпочитуваните личности во светот. Денес, мора да се потсетиме дека Мајка Тереза од Скопjе стана универзална фигура – додаде тој.
Тој истакна дека имаме обврска да ја зачуваме нејзината порака, нејзиното сеќавање не треба да остане само во документи, туку треба да се пренесе во нашите дела и во начинот на кој ги градиме општествата.
- Скопје денес ѝ оддава почит на оваа голема фигура, на местото каде што е родена и израсната. Денес, од ова место, испраќаме порака за мир, порака за солидарност и љубов – додаде Курти.

На настанот беше промовирана книгата „Мисионерскиот пат на Гонџа Бојаџиу до универзалната Мајка Тереза“ од авторот проф. д-р Скендер Асани, кој се обрати на свеченоста заедно со рецензентите на делото, Дон Луш Ѓерѓи и Мартин Беришај.
На крајот на свеченоста беа промовирани изложбата и документите посветени на животот и хуманитарната дејност на Мајка Тереза.

