Македонската армија се збогати со пакет воена опрема вредна 40 милиони евра. Опремата е набавена во соработка со Европската Унија односно со европскиот мировен фонд и претставува голем чекор напред кон модернизација на армијата. Во пакетот спаѓаат транспортни возила, термални камери, радари и преносни сензори.
„Како што знаете безбедноста е клучен дел од партнерството помеѓу Европската Унија и Македонија и особено – Во 2024 потпишавме партнерство за безбедност и одбрана и денеска со задоволствто ги гледаме опипливите резултати на ова партнерство“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Македонија

Оваа опрема е само дел од три пакети, првиот е овој којшто е пристигнат заедно со дел од вториот а третиот се очекува да дојде во наредниот период.
„Работиме постојано, се надевам дека во наредниот период ќе најавиме дополнителни пакети каде што ќе опфатат дополнителна опрема. Но она што сакам да го кажам е дека исклучителната соработка којашто ја имаме со амбасадорот со европската делегација внесува голем плод, внесува дополнителна опрема, внесува зголемување на буџетот што е многу важно“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана
„Ние остануваме како влада посветени да ги исполнуваме сите барања од страна на НАТО алијансата. Пред неколку дена во посета кај нас беше главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, господинот Гринкевич, којшто јасно кажа дека сите инфраструктурни проекти коишто во моментот ги движиме, вклучително и средствата коишто ги одвојуваме претставуваат пример за многу земји членки на НАТО“, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Македонија
Подобрувањето на условите во армијата е значителен чекор во трасирањето на европскиот пат на Македонија. Mакедонските војници беа оценети како „воено спремни“ според највисоките НАТО стандарди а со оваа опрема тие се сега и технолошки подготвени. Од друга страна министерството за одбрана соработува и со САД со договори во вредност од 339 милиони евра, набавена беше и нова облека за армијата а се предвидува и реновирање на армиските објекти.
