Премиерот Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција ги претстави кадровските промени во Владата, кои се дел од најавената реконструкција на владиниот кабинет.
Според него, со ова започнува нова етапа во работата на Владата по првите две години од мандатот. Како што рече, во периодот што следува приоритет ќе бидат поголема ефикасност, побрза динамика во работењето и испорака на конкретни резултати, со нова енергија и засилено темпо.
Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за нов министер за здравство е предложен Сашо Клековски, додека ресорот социјална политика, демографија и млади треба да го преземе досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски.

Актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински е предложен за директор на Фондот за здравствено осигурување, а Министерството за локална самоуправа ќе го води Иван Стоилковиќ, кој досега беше министер за односи меѓу заедниците.
За министер без ресор е предложен Ерџан Демир.
Коалицискиот партнер Вреди ќе предложи нови министри за ресорите правда, култура и односи меѓу заедниците, додека ЗНАМ ќе номинира нов кандидат за министер за земјоделство. Лидерот на партијата, Максим Димитриевски, претходно најави дека нивен предлог ќе биде Борче Серафимовски.
Во рамки на промените, се укинува и ресорот за добро владеење, а неговите надлежности ќе преминат директно под Кабинетот на премиерот.
Мицкоски соопшти и дека Демократската партија на Турците станува дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На вечерашната седница на Извршниот комитет на партијата, владината портпаролка Марија Митева беше избрана за нова претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
