Македонија е најевтината европска држава според истражувањата на Евростат. Просечната кошничка врз основа на 2000 производи и услуги кај нас чини околу половина од просекот во Европската Унија. Тоа значи дека производите кои во Унијата просечно чинат 100 евра, во Македонија се околу 50 евра. Според податоците, индексот на потрошувачки цени во Македонија изнесува 49,7.
Во анализите учествувале 36 европси земји, меѓу кои 27те членки на Европската унија и шесте земји кандидати. Споредбено со сите Македонија има најниски цени за храна, облека, алкохол и цигари.
Во споредба, најскапо е во Луксембург за храна и безалкохолни пијалоци, Ирска е со највисоки цени за алкохол и цигари, додека Данска е најскапата земја за облека и обувки. Помеѓу членките, Романија има најниски цени за храна и безалкохолни пијалаци.

Од Евростат појаснуваат дека најголема разлика во цените е забележана кај алкохолните пијалаци и тутунот. Ова главно се должи на големите разлики во даночните стапки за овие производи во 36-те земји.
Сепак економистите предупредуваат дека ниските цени не значат и повисок животен стандард бидејќи истражувањето е базирано само врз цените на стоките и услугите, но не и платите
Бројките секогаш треба да се гледаат заедно со заработката. Она што е важно за животниот стандард не е дали цените се високи, туку што може да се купи за месечна плата“, изјави за „Еуроњуз бизнис“ професорот Роберт Инклар од Универзитетот во Гронинген.
Инаку Владата разговара со трговците, производителите и дистрибутерите со цел да се заузда инфлацијата на храната и таа да се одржува под 3 отсто.
Граѓаните се надеваат дека наскоро ќе почувствуваат олеснување на семејниот буџет. Други пак, не се големи оптимисти дека цените значително ќе се намалат.
„Верувам во Владата, се надевам дека ќе поефтинат цените бидејќи навистина почнавме да го чувствуваме на своја кожа покачувањето.“– велат граѓаните.
Позицијата на премиерот е дека основните прехранбени производи мора да поевтинат, и порача, дека, доколку тоа не се случи, Владата има механизми како да се справи со самоволието на пазарот.
