Реклама
Македонија

Во борбата со демографскиот предизвик се размислува немажените и неженетите во Македонија да плаќаат дополнителни даноци

Македонија е во демографска рецесија. За четири години загубени се 33 илјади…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија е во демографска рецесија. За четири години загубени се 33 илјади жители – како еден град од големина на Кавадарци – алармира премиерот Христијан Мицкоски. Ова, според него, значи губење на иднината, бидејќи иселувањето се гледа како единствена опција. Затоа, порача дека борбата на Владата ќе биде да се направи животот во земјата вреден, и мајчинството да биде благослов, а не товар. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година, се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 луѓе, што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година.

„Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024 година. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, вели Мицкоски.

Со цел да се спречи овој негативен тренд, Владата размислува да преземе и низа мерки – а една од нив е и воведување на данок за немажени и неженети.

Реклама

„Да им дадеме на младите причина да останат, да изградиме инстуции што не ја трошат туѓата младост, туку ја негуваат. Да изградиме држава во која надежта е побитна од пасошот. Знаеме дека нема магично решение, но има намерна, постојана државничка борба, и ние ја почнавме. Секоја мерка, инвестиција, политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата и тука сериозно размислуваме за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски.

И националниот координатор за демографија и млади кажа дека е вклучен демографскиот аларм во земјава. Според Влатко Ѓорчев, потребни се долгорочни решенијата а демографската криза би се решила со итни економски мерки за младите.

Владата подготвува нова стратегија за демографски политики во земјава. Во фокусот ќе бидат младите. Државата ќе вложува во изградба на нови градинки, повисоки плати на граѓаните, зголемување на еднократна помош на прво дете, надоесток за второ дете и воведување на финансиска поддршка за трето дете и близнаци. Дополнителна финансиска помош ќе има и за мајките после породилното отсуство.