Реклама
Македонија

Владиниот авион утре враќа шестмина од Израел, 632 Македонци побарале евакуација од Блискиот Исток

Шест македонски државјани утре се очекува со владиниот авион да пристигнат во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Шест македонски државјани утре се очекува со владиниот авион да пристигнат во Скопје, откако претходно беа евакуирани од Израел преку Египет. Во меѓувреме, повеќе од шестотини македонски граѓани побарале информации за евакуација од поширокиот регион на Блискиот Исток.

Шестмината кои ќе се вратат во земјава биле транспортирани по копнен пат од Израел во Египет со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Тие во моментов се сместени на безбедна локација и го чекаат летот кон Скопје. Претходно, шест македонски државјани со посредство на Министерството ја завршиле евакуацијата и восопствена режија заминале кон Скопје.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека заклучно со денес, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток. Од нив, 136 лица се пријавени во Доха, додека бројката во Абу Даби континуирано се зголемува и во моментов изнесува околу 477 лица.

Реклама

Во меѓувреме, институциите работат на организација на евакуација и на македонските државјани кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати и Катар. Дипломатско-конзуларното претставништво во Абу Даби, во координација со надлежните институции, ги финализира техничките и логистичките подготовки за организирање чартер-летови за нивно враќање во земјава.

Министерството информира дека останува во постојана комуникација со македонските граѓани во регионот, како и со локалните власти, со цел евакуацијата да се реализира безбедно и навремено.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар и Бахреин), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС бројот на Министерството.

Дел од граѓаните од регионот веќе се евакуираат и со помош на соседните држави. Државјани на Србија, како и неколку од Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, беа евакуирани од Израел и околу два часот по полноќ пристигнаа во Белград со специјален лет на „Ер Србија“ од Шарм ел Шеик. Летот, организиран од Владата на Србија и српското Министерство за надворешни работи, врати 67 српски државјани по претходно копнено извлекување од Израел до египетската граница.