Судскиот совет денеска избра нови претседатели на Основниот суд Гостивар, Основниот суд Дебар и на Основниот суд Свети Николе по претходно усвојување на извештаите од спроведените постапки по објавените огласи.
За претседател на Основниот суд Гостивар е избран досегашниот в.д. претседател Мирослав Петровски, кој беше еден од двајцата кандидати со уредна и комплетна документација. Во постапката учествувал и Елејса Алији, но на седницата беше посочено дека на 13 јуни 2026 година била усвоена одлука за исполнување услови за старосна пензија. Кандидатката Драгослава Веселиновска не ја комплетирала документацијата бидејќи не доставила акциски план за спроведување на програмата за работа.
За претседател на Основниот суд Дебар е избран Оруч Абазовски. Во постапката учествувал и Мерсим Марку, но Судскиот совет констатирал дека не ги исполнува условите за избор бидејќи двапати претходно бил избран за претседател на Основниот суд Дебар.
За претседател на Основниот суд Свети Николе е избрана Валентина Буровска, која била единствен кандидат во постапката.
По паузата, Судскиот совет треба да ја продолжи седницата со разгледување на извештајот за навременоста и комплетноста на документацијата на кандидатите за претседатели на Апелацискиот суд Скопје и Основниот суд Струга, како и со расправа за извештај од работна посета на Основниот кривичен суд Скопје, избор и разрешување судии поротници, расправа и одлучување по извештаите за констатирана состојба и формирање комисии на известители по барањата за поведување постапка за утврдување одговорност на судија/претседател на суд.

