За време на официјалната посета на Република Хрватска, претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, придружен од претседателката на пратеничката група за соработка со парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, и членовите на групата, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати, се сретна со претседателот на вцладата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Собраниската прес-служба соопшти дека средбата беше оценета како потврда на блиските и пријателски односи меѓу двете држави, при што беше истакнато дека Република Хрватска претставува значаен партнер со кој се споделуваат заеднички европски вредности и заложби за европската иднина на регионот.

Претседателот Гаши информира дека предлог-законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Република Хрватска за стратешка соработка беше разгледан и усвоен од Комисијата за надворешна политика на 10 ноември, а веќе е предвиден на дневен ред на пленарната седница, закажана за 1 декември, кога се очекува негово донесување.
– Во тој контекст, беше оценето дека договорот претставува основа за унапредување на билатералните односи и продлабочување на партнерството меѓу двете држави преку воспоставување конкретни форми на соработка во областите на транспортот, енергетиката, економијата, дигитализацијата, здравството, образованието и безбедноста. Исто така, беше истакнато дека договорот отвора можности за размена на искуства и знаења, при што особено значење беше дадено на користењето на хрватското искуство во областа на европската интеграција и институционалните реформи, како и на можностите за унапредување на економската соработка – информира прес-службата на Собранието.

Претседателот Гаши изрази благодарност „за континуираната и принципиелна поддршка од Република Хрватска за европската перспектива на Македонија“.
– Притоа беше посочено дека хрватското искуство во спроведувањето на реформите и во процесот на пристапување кон Европската Унија претставува значаен извор на знаење и искуства, од особена важност за натамошниот напредок на државата во европската интеграција. Соговорниците ги поздравија и активностите на двете амбасади насочени кон унапредување на билатералната соработка – на Амбасадата на Македонија во Загреб, предводена од амабасадорот Драган Ѓурчевски, и на Амбасадата на Република Хрватска во Скопје, на чело со амбасадорката Нивес Тигањ. Двајцата амбасадори беа во постојана придружба во текот на официјалната посета – се наведува во соопштението.

