Наместо превенција, државата го избира лекувањето. Се укинува годишниот бесплатен ПАП тест каде што е филтер за рана детекција на карцином на грло на матка. Скандалозната одлука на министерот за здравство Меџити, каде што им се става уште еден финансиски товар на пацинетите предизвика бројни реакции од страна на женската популација.Тие прашуваат за каква превенција се залагаат надлежните, каде што и бесплатното им се наплаќа ?
“Ти велат дека најдобриот лек за рак е рана превенција, а го укинуваат бесплатниот годишен пап тест и ја поместуваат границата за мамографија над 45 години. Велат дека се повеќе млади се разболуваат од рак, ама истовремено ти викаат само на три години имаш право на бесплатен пап и ако си под 45 години иди си приватно”
За каква превенција се говори бе нечовечни едни!Секојдневен стрес ни правите!И пап тест направивте приватно да правиме!Си правите што си сакате!Помисливте ли и тоа дека ни е додатен финансиски терет?Не!Имате ли грам емпатија?Немате!” – пишуваат жени, на социјалните мрежи.

Матичните гинеколози се пожалија дека за оваа одлука не биле консултирани, туку само известени.Од здружението на приватни матични гинеколози за Алфа информираат дека одлуката е нелогична, потенцирајќи дека речиси невозможно е една жена да ги исполни условите, за да направи бесплатен ПАП тест еднаш годишно. Во одлуката стои дека не следува бесплатен ПАП – тест почесто од три години, освен доколку пациентката има позитивен наод за карцином, состојба после интервенција или пак се подготвува за операција.
Од министерството за здравство не добивме конкретен одговор.Само образложија колку е важна превенцијата, и дека секој матичен гинеколог одлучува за тоа какви испитувања треба да направат пацинетите.
“Доколку пациентката има направено ХПВ типизација и истата е негативна, кај истата ќе треба да се повтори ПАП тестот за 3 години во отсуство на било какви промени на грлото на матката кои ги утврдува матичниот гинеколог. Ако тој постави индикација дека треба да се земе почесто ПАП тест заради евентуално сомневање на некои неправилности на грлото на матката (ранички на грлото на матката) кај истата пациентка во договор со ПЗУ е назначено дека и тој ПАП тест ќе биде земен бесплатно (со партиципација) во тригодишниот период” – велат од МЗ за Алфа.
Инаку, ПАП тестот на приватно чини од 1.200 до 1.500 денари со ова дел од жените одлучуваат да не прават превентивен тест. А меѓу нив, за жал има и пациентки кои бидејќи се во ризична група, и секоја година мора да прават ПАП тест поради превенција, но со новата одлука и превисоките цени, се изложени повторно на ризик.
Ања Лукарова
