Козметика а не вистински пресврт. Ротација или враќање на старите кадри во ново партиско пакување – реформите кои долго се најавуваа на Бихаќка и во Мала Речица не направија тектонски изместување како што се очекуваше. Иста реторика и во пораките кои ги испраќаат лидерите на СДСМ и ДУИ.
Наместо отстапување простор за нови лица и идеи, во услови на намалена доверба по катастрофалните изборни резултати, овие две партии повторно се потпираат на проверени, но веќе политички потрошени структури.
Во новото раководство на СДСМ централна улога добија двајца потпретседатели. Јована Тренчевска, актуелна пратеничка и поранешна министерка за труд и социјална политика и Александар Трајановски – кандидат за градоначалник за Аеродром, кој ги загуби изборите.

За дел од аналитичарите, ова е уште еден показател дека партиите повеќе се фокусирани на внатрешна контрола и балансирање на фракции, отколку на реални реформи.
- „Јас повеќе мислам дека СДСМ во моментов не се занимава со ребвитализирање и обнова на самата партија и кадровско реекипирање, туку мојот впечаток е дека внатре се води една своевидна клановски борба и дека Филипче се труди да се справи со противниците кои ги има како пратеници во Собранието но и на одреден клан како што е во последно време го гледаме како изјава на Петре Шилегов“ вели АЛЕКСАНДАР РИСТЕВСКИ – Политички аналитичар.
Единствената промена што се гледа и по конгресот на интегравците е поголемо присуство на жени во најтесното партиско раководство и низа рокади од една на друга функција на истите кадри. Ахмети се одлучи за веќе познати имиња кои во изминатава година не се соочија со кривични пријави, како Бујар Османи, Арбер Адеми и Фатон Ахмети. Според аналитичарите, вечниот лидер на ДУИ, Ахмети е забетониран на тронот бидејќи единствено тој ги држи заедно ограноците од Скопје и другите градови каде што имаат партиско членство.
- „Искрено, без Ахмети ДУИ уште повеќе се распарчи. А она што го видовме вчера беа само козметички реформи, не видовме ниту едно ново име во најтесното раководство. И тој конгрес беше под притисок на јавноста, бидејќи ДУИ прв пат претрпе пораз на локалните избори и сума сумарум ако се гледаат имињата што се поставија во најтесното раководство се тие што изгубија на локалните избори и ДУИ ќе се води со фамозниот збор на Али Ахмети „како до сега“. Значи нема да има никакви промени драстични во неговото делување, така да, мислам дека најголемиот проблем на власта е што нема кредибилна опозиција“ вели ЏЕНУР ИСЕНИ – Политиколог.
Според аналитичарите, СДСМ темелно треба да поработи на идеологијата и вредностите на црвените линии, бидејќи праксата низ годините покажала дека не си стојат на зборот, а граѓаните тоа го препознаваат. Кадровските решенија на Филипче не наидоа на поддршка од партиското членство, туку напратив изминативе денови пристигнаа бројни оставки од општинските организации.
ДУИ, пак, пред себе има противник со кој ќе треба да се соочи со програма и реални проекти, а не националистичка реторика која ја користи две децении.
