Скопска декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија е потпишана денеска на првиот форум за енергетска дипломатија „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката”.
– Од Скопје денеска испраќаме порака за дипломатијата што поврзува, за партнерствата што траат и за заедничка одговорност кон иднината. Енергетската дипломатија ни дава можност нашите интереси да ги претвориме во заеднички цели, а нашите цели во конкретни резултати – истакна министерката за енергетика Сања Божиновска пред потпишувањето на декларацијата.

Како што рече, иднината на енергетиката не може да се обликува без жените што имаат знаење, искуство и храброст да водат.
– Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите. Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание. Кога во одлучувањето учествуваат повеќе жени, институциите се зајакнуваат со дополнителни знаења и компетенции, а одлуките се носат со повеќе искуство и разни гледишта. Наша обврска е да го отвориме патот за следната генерација: инженерки, експертки и лидерки – потенцира министерката.
Според неа, скопската декларација ја потврдува заедничката определба за енергетска безбедност, одржлива транзиција и женско лидерство.

– Со поддршка на канцеларијата на Обединетите нации, УНДП, Економската комисија на Обединетите нации за Европа, сакаме мрежата на жени во енергетската дипломатија да стане место за соработка, менторство и професионален развој. Вредноста на декларацијата ќе се види во иницијативите што ќе произлезат од неа, во партнерствата што ќе ги изградиме и во можностите што ќе ги отвориме за жените да учествуваат во стратешките договори – рече Божиновска.
Таа се осврна и на обновливите извори.
– За да произведуваме повеќе енергија од сонце и ветер, треба да вложуваме и во мрежите што ќе ја пренесат таа енергија до потрошувачите. Затоа, денес ќе разговараме и за тоа како зеленото финансирање може да им помогне на домаќинствата, на малите компании да вложат во обновливи извори и во енергетска ефикасност – посочи Божиновска.

На форумот присуствуваат над 200 домашни и странски гости, високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, претставници од дипломатската заедница и приватниот сектор.
Министерката изрази надеж дека од форумот ќе произлезат нови иницијативи, трајни сојузништва со жените како рамноправни учеснички во преговорите и во обликувањето на енергетската иднина.

