Реклама
Македонија

Мицкоски: „Нема да има данок за самци, сакав да го свртам вниманието дека има мал број на новородени и дека Македонија умира“

Самците можат да здивнат, никој нема да ги удри по џебот. Премиерот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Самците можат да здивнат, никој нема да ги удри по џебот. Премиерот Христијан Мицкоски појасни дека нема да има данок за немажени и неженети. Откако пред неколку дена тој соопшти дека Владата размислува да се одданочат оние што не стапиле во брак, премиерот вели дека целта била да се поттикне јавна дебата меѓу населението. Изрази жалење што погрешно била протолкувана неговата изјава. Сепак, потенцираше дека како премиер е исклучително загрижен за моменталната демографска состојба во државата, но и за демографската иднина на Македонија. Тој алармираше дека не смее да остане незабележан фактот дека населението тивко исчезнува и изумира и тоа да се прифати како нормална состојба. Бројките се поразителни  и тие за новородени деца и оние за склучени бракови. Токму затоа, овие негативни движења не треба да се премолчат – вели Мицкоски.

„Не можам и би било неодговорно од моја страна да се помирам со тоа што во 2016 година се родени 23.000 бебиња во Македонија, а во 2024 година – 16.000. Тоа е рецесија од 30 отсто. Во 2021 година сме имале повеќе од 13.300 бракови, а три години потоа во 2024 година 11.100 бракови. Тоа е 17 отсто рецесија. Кога јас би бил сопственик на компанија, тогаш сериозно би се позанимавал со тоа што правиме и „каква ќе биде иднината“ – рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека е добро тоа што неговата изјава поттикнала дебата. Токму семејството било на прво место во предизборната кампања на неговата партија. Тој истакна дека се залага за семејство составено од мајка, татко и повеќе од две деца, а не родител 1 и родител 2. Во однос на предлозите за финансиска поддршка на населението за да се раѓаат повеќе деца, тврди дека тоа не е решение. Како пример ја посочи Јужна Кореја, една од најбогатите светски економии, со најнизок фертилитет во светот која има потрошено 270 милијарди долари во последните 15 години за да достигне само стапка на живо родени од 0,75 проценти. Слична е вели состојбата и во Германија, Грција, Полска.

Реклама

„Главниот град Сеул има стапка на фертилитет од 0,5%. Тоа значи две мајки раѓаат едно дете. Потрошени се повеќе од 200 милијарди долари. Значи не е до финансиите, до срцето и до глава е, до желбата и до умот. Затоа, треба од најмлади да работиме со децата. Затоа, инститирам во читанката, како поим за семејство, наместо ‘јас, мама и тато‘ да стои ‘јас, мама, тато, бато и дада‘. Ако сакаме да опстоиме како народ, нација и држава – тоа е иднината. Мора да се бориме против ова“ – рече Мицкоски.

Македонија е во демографска рецесија. За четири години загубени се 33 илјади жители – како еден град од големина на Кавадарци. Според Државната статистика, лани се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Владата подготвува нова стратегија за демографски политики во земјава. Ќе се вложува во изградба на нови градинки, повисоки плати на граѓаните, зголемување на еднократната помош за прво и второ дете, воведување на финансиска поддршка за трето дете и близнаци, 6 бесплатни обиди за ин витро, како и  допонителна финансиска помош за мајките после породилното отсуство.