Мерки за помош на граѓаните и бизнисите во услови на криза мора да има, но Владата да внимава при трошењата. Ако не се штеди на непродуктивни трошоци, ќе треба ново задолжување за нови мерки. Аналитичарите препорачуваат добро да се анализираат следните чекори. Некои сметаат дека ако кризата потрае, следна мерка треба да биде намалување на акцизите. Конфликтот неминовно може да удри и врз намалување на растот на економијата и до еден процент од БДП.
„Ако ги даде средствата за мерки на граѓаните и заштита на животниот стандард, ке останат помалку за инвестиции во ограничени ресурси. Знаете дека долгот ни е околу 60%. Ние сме на граница. Доколку треба да зголемиме средствата, да ги зголемиме инвестициите, ние ке мораме да се задолжиме дополнително. Финансиските пазари се нестабилни. Не знаеме каква ке биде во догледен период каматната стапка и цената на ова задолжување. Затоа мораме да бидеме искучително внимателни и да не заборавиме една работа. Одлично беше прашањето. Треба да градиме отпорност и потенцијали за развој во иднина“ – вели Борче Треновски – претседател на Сојуз на економисти.
Засега поскапува исклучиво нафтата, но не се забележани големи промени кај цените на производите, освен кај маслото за јадење и јајцата. За трговците да не ја искористат ситуацијата, да трупаат залихи по пониски цени, а да ги продаваат неосновано поскапо, контролите мора да зајакнат. Според експертите, во вакви услови клучна е антимонополската политика, работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата и зајакнување на инспекциите.

„Во ваква ситуација многу фирми се однесуваат монополистички, односно под изговор дека расте цената на нафтата, ги зголемија цените на производите. Во таква ситуација, трошоците за производство растат и цените растат, меѓутоа во светот Антимонополската Комисија прави контрола дали и колку е оправдан порастот. Она што го прави, да речеме на еден и друг начин, Комисијата за енергетика, што релативно добро досега ја извршуваше работата“ – рече Таки Фити – универзитетски професор.
Мерките на Владата треба да бидат насочени кон најранливите категории граѓани. Аналитичарите велат дека ударот по џебот е најголем кај оние со најниски примања. Токму затоа мерките да бидат таргетирани и селективни за да се заштити нивниот животен стандард.
„Владата ќе треба да преземе мерки со кои што ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории на граѓани. Не сите, значи селективни мерки, не секому, не популистички на сите граѓани, што Владата ги гледа како гласачи, а не како граѓани. Туку на оние што се ранливи категории граѓани, нивниот животен стандарт да се, не може да се спаси, но да не се уништи до тој степен“ – вели Ванчо Узунов – универзитетски професор.
Според аналитичарите, Народната банка води претпазлива монетарна политика. Засега нејзината улога е ограничена, но доколку кризата ескалира и инфлацијата почне да оди нагоре, основната камата неизбежно ќе претрпи зголемување.
