Општина Македонска Каменица објави јавен повик за доделување финансиска помош од општинскиот Буџет за 2026 година, наменета за еднородителски семејства, деца без родители и семејства на самохрани родители.
Од Општина Македонска Каменица ги повикуваат сите жители кои ги исполнуваат условите да го поднесат барањето со потребната документација во предвидениот рок.
За остварување на правото на финансиска помош, потребно е да се достави барање до Општина Македонска Каменица, со прилог документација која опфаќа фотокопија од важечка лична карта или извод од матичната книга на родените за малолетни лица, потврда од Министерството за труд и социјална политика за деца без родители и самохрани родители, како и изјава заверена кај нотар за еднородителски семејства.
Потребно е да се достави и потврда за примена плата во последните три месеци пред поднесувањето на барањето или чек од последната пензија, потврда од АВРМ за невработени членови на семејството, доказ од Управата за јавни приходи за пријавени или остварени приходи на подносителот и членовите на потесното семејство за претходната година, како и фотокопија од трансакциска сметка.
Јавниот повик се однесува на лица кои се жители на Општина Македонска Каменица.
Документацијата може да се достави во Архивата на Општина Македонска Каменица, во соба број 1, или електронски на адресата [email protected].
Рокот за доставување на барањата е 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
Од Општина Македонска Каменица посочуваат дека со ваквите мерки продолжуваат да обезбедуваат поддршка за семејствата и граѓаните на кои финансиската помош им е најпотребна.

