Острите реакции на македонската Влада се оправдани, сметаат дел од дипломатите и аналитичарите, откако официјална Софија во својата последна изјава повторно го заобиколи поимот „македонски јазик“, нарекувајќи го – јазик достапен за граѓаните во Македонија.
Наместо јасна и европска комуникација, Бугарија уште еднаш испрати порака која отвори сериозни прашања – не толку за формата на документите, туку за суштината: признавањето на македонскиот јазик.
Според поранешниот амбасадор, Јован Донев, ваквата реакција од Софија нема вистинска логика. Донев оценува дека станува збор за непотребна провокација и недозволиво мешање во внатрешните работи на државата.

„Нема логика да се објави такво соопштение. Реакцијата е сосема нормална и на македонското Министерство за надворешни работи. Ние не можеме да толерираме такви однесувања, не може тие да ни кажуваат на кои јазици ќе ги пишуваме нашите документи. Тоа е недозволиво, тоа е мешање во внатрешните работи на Македонија и навистина е добро што беше остра реакцијата и на МНР и на премиерот Мицкоски.“
Сличен став имаат и аналитичарите, кои велат дека ова не е изолиран случај, туку континуитет во односот на Бугарија кон македонскиот јазик и идентитет.
Според аналитичарот Александар Ристевски, избегнувањето дури и да се именува јазикот на соседната држава претставува дипломатска фарса, која одамна ја надминува рамката на билатералните недоразбирања.
„Да го спуштите нивото до таму да не сакате да го споменете јазикот на државата со која комуницирате е веќе фарсично. Порано мислевме дека тој проблем го имаме само со Грција, еве сега праксата покажува дека како таков го имаме и со Бугарија – да го негира постоењето. Таа ситуација не е нова. Гледаме во изминатите 30 години дека нивната интелектуална јавност, особено лингвистите, го коментираат македонскиот јазик како развален бугарски, како дијалект, иако и самите покритични интелектуалци во Бугарија велат дека обичниот Бугарин има сериозен проблем да разбере македонски текст или говор.“
Целиот случај се отвори откако Бугарија реагираше на акцискиот план за заштита на правата на заедниците, документ кој Македонија го подготви во соработка со домашни и меѓународни експерти и во консултација со Советот на Европа и Европската комисија. Наместо планот да биде препознаен како чекор кон усогласување со европските стандарди, од Софија повторно стигна порака што го заобиколува суштинското прашање – признавањето на македонскиот јазик.
Од македонското Министерство за надворешни работи порачаа дека документот е изработен на македонски и англиски јазик, согласно Уставот и меѓународната пракса, и дека ваквите реакции претставуваат директно мешање во внатрешните работи на државата. Владата, пак, нагласи дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но без отстапки по прашања што се темел на државниот идентитет.
Според дел од аналитичарите, токму ваквите пораки од Софија дополнително ја потврдуваат исправноста на владината политика – Бугарите да не бидат вметнати во Уставот без јасни и цврсти гаранции дека тоа нема да биде повод за нови условувања и барања на македонскиот пат кон Европската Унија. Во спротивно, предупредуваат, ваквата пракса на негирање и политички притисоци би можела да се претвори во постојан механизам за блокада.
Премиерот Христијан Мицкоски беше јасен – официјален јазик во меѓународната комуникација на државата е македонскиот и ниту една институција нема право да постапува спротивно на Уставот. Во исто време, од Скопје се испраќа порака дека се очекува европско однесување и од соседите, со почитување на принципите на добрососедство и меѓусебно разбирање.
