Реклама
Македонија

Поплавени домови, излеани реки, одрони на патишта, забрани за сообраќај – водостоите зголемени низ целата држава

Излеани реки, затворени патишта, поплавени куќи и ниви. Синоќешните обилни врнежи, освен…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Излеани реки, затворени патишта, поплавени куќи и ниви. Синоќешните обилни врнежи, освен Охрид и Кичево, поплави и други делови од Македонија, а најкритична е состојбата во Битола, Ресен и Демир Хисар. Во Битолскиот и Преспанскиот регион врнежите предизвикаа зголемување на водостојот и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. Од Центарот со управување со кризи информираат дека будно ја следат состојбата на терен и ги повикаа граѓаните да бидат внимателни, а доколку имаат потреба или забележат проблеми, да пријават на бројот 112.

Во Битолскиот и преспанскиот регион поради обилните врнежи од дожд е забележано зголемување на водостојот на реките и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број на куќи и дворни места. Денеска закажан е и состанок на кризниот штаб на општина  Битола со цел да се утврдат приоритетите и координацијата на активностите на терен. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни да ги почитуваат препораките на службите и да избегнуваат движења во ризичните подрачја и секако доколку забележат или се најдат во опасност да се јават на бесплатниот телефонски број на итни повици во ЦУК 112“, изјави Надица Вуцкова портпарол на „Центарот за управување со кризи“.

Во текот на вечерта реката Курдерес во Битола се излеа од коритото и ги блокираше улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, кои водат до граничниот премин Меџитлија. Екипите на јавните претпријатија веднаш излегоа на терен заедно со градоначалникот Коњановски. Оттаму уверуваат дека водата сега е повлечена, а во наредниот период ќе се продолжи со чистење.

Реклама

Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места.

Поради обилните врнежи, дојдено е до излевање на Болнска и Источна река на подрачјето на Општина Ресен, при што се поплавени над 50 куќи, магацински простори, визби и земјоделско земјиште.

И Црна Река се излеа од своето корито и предизвика сериозни поплави во селата во Демирхисарско. Водостојот и понатаму е во пораст, а водата се приближи непосредно до куќите. Од ЦУК велат дека ангажирани се екипи кои работат на испумпување на водата и расчистување на теренот.     

Ангажирани се екипи на јавните претпријатија, како и приватни машини кои со 7 пумпи за испумпување вода и повеќе багери работат на расчистување на теренот“, велат од „Центарот за Управување со кризи“.

Од „Македонија пат“ информираат дека на повеќе делници има наноси од земја, кои се расчистуваат. Најкритична е состојбата во Струга, каде се забележани големи одрони. Во моментов се работи на санација и нивно расчистување. Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања.

Од УХМР прогласија жолто ниво на предупредување од поплави. Оттаму најавија и дека во наредниот период дождот на повисоките места ќе премине во снег.