Реклама
Македонија

Не запира револтот по забраната на македонски песни во Лерин

Незадоволство кај македонското население во Грција откако пред неколку дена градоначалникот на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Незадоволство кај македонското население во Грција откако пред неколку дена градоначалникот на Лерин прекинал изведба на македонски песни на прославата на „Денот на огновите“ вечерта пред Бадник. На музичката манифестација се пееле песни  и се играле ора, се додека етно бендот „Ентопика“ не продолжил со изведба на неколку стари македонски фолклорни песни. Градоначалникот Василеос Гианакис се налутил уште на пеењето на „Елено, ќерко Елено“, но атмосферата кулминирала кога на изведбата на „Софке на татко“ ги прекинал музичарите и им наложил да продолжат само со инструменталната верзија. Причината – му сметало тоа што тие пеат на , како што кажал „словенски јазик“.Тој наишол на неодобрување на дел од пристутните кои го исвиркале поради неговата одлука. Јоргос Пападакис  од „Виножито“ вели дека градоначалникот на овој начин си го урнисал угледот, кога забранил да се пее на , според него, непостоечки јазик. Вели дека Македонците често се соочуваат со вакви инциденти на музички фестивали и манифестации. Сепак, смета дека е добро тоа што свеста меѓу македонското население расте, па овие случаи наидуваат на отпор и потсмев меѓу тамошните граѓани.

И Павле Васкопулос од Виножито“ вели дека градоначалникот Гианакис направил грешка и треба не само да дозволи да се пее на македонски, туку и да го покани на пример Музичкото училиште од Сер да изведува македонски песни на плоштадот во Лерин како форма на истакнување на мултинационалниот карактер на грчкото општество. Вели тоа го прават другите градоначлници, па и тој треба да формира такви детски хорови во неговиот град. Васкопулос вели дека вакви инциденти се случуваат и во годините по потпишувањето на Преспанскиот договор и нашинците во Грција се окарактеризирани како „агенти од Скопје“.

„Македонското пеење има сè повеќе смисла и индиректно македонскиот јазик станува сè поинтензивен во селските општества. „Експертите“ во Министерството за внатрешни работи, т.е. „длабоката држава“, се плашат дека појавата на револуционерни песни и појавата на зборот „Македонија“ сè почесто на настани со популарна музика, танц и пеење значи уште помасовен раст на националната Македонска свест кај населението во нашиот регион. Ова се сите „зулуми“ и вистинската реална причина зошто „инструкторите“ бараат т.н. „софистицираност“ во последниве години, односно „Во ред е да се пее, но на добар начин“. Просто кажано, треба да ги почитуваме сите национални идентитети како што се дефинирани од самите луѓе. Реалноста и вистината е дека македонскиот национален идентитет е посебен и препознатлив на Балканот“ вели Павле Васкопулос – член на „Виножито“.

Реклама

И додека Македонците од Грција велат дека македонските песни од кои повеќето датираат од илинденскиот период не се никаква закана за грчката држава, туку начин на искажување и продолжување на традицијата, дел од грчките медиуми овој инцидент го опишуваат како скандал. Од бендот „Ентопика“ се пожалиле и дека трпеле притисоци. Потенцирале дека не биле поканети од градоначланикот и дека неговите искази од типот „во мојот град нема да се пеат словенски песни“ биле поддржани само од десетина од две илјади присутни на концертот. Потенцираат дека пеат на сите балкански јазици за да ја зачуваат, а не поткопаат традицијата на полуостровот.