Вишото обвинителство има докази за влијание на претседателот на кавадаречкиот суд во конкретен судски предмет каде има 78 телефонски повици помеѓу судијата Лазар Нанев и одредена странка, дознава Алфа од свои извори.
Работна група на Министерството за правда влезе во судот на Нанев за да проверува, а министерот Кренар Лога бара под итно да се испита менаџирањето со АКМИС системот поради големиот број на поплаки против претседателот Нанев од страна на странки во судски постапки, но и поради дописи од Вишото обвинителство кое тврди дека поседува докази за влијание и злоупотреби во судот.
Нанев и е добро познат на јавноста како поранешен претседател на работната група за Акмис системот со која раководеше во 2017 години и проверуваше злоупотреби низ судовите во земјава, а сега се чешла неговото распоредување на предмети. Судскиот совет со месеци во фиока ги чуваше претставките против претседателот Нанев, па дури после неколку месеци формираше комисија која треба да ја проверува работата на Нанев. Министерот Лога обвинува дека и покрај сите индикации и поплаки за злоупотреби, Судскиот совет не постапил како што треба и ги повика членовите веднаш да отворат постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Кавадаречкиот суд.
