Македонија е најдобра во реформите, ние испорачуваме, на ред е Брисел. Во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан кој ќе се одржи во европската престолнина, премиерот Мицкоски очекува да се потврдат заложбите дека местото на региопнот е во големото европско семејство. Македонскиот премиер вечерва се среќава со Урсула Фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика , Каја Калас.
-Очекувам да се потврди она кое што до сега е кажано, а тоа е дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на интеграција на Западен Балкан во Европа, многу скоро од денеска ќе стане реалност и стварност, за да можат граѓаните од Западен Балкан, кои што долго заслужуваат да бидат на масата, навистина да бидат на масата. Ние сме фокусрани на она кое што подразбира напредување врз основа на испорака на реформи, изјави Мицкоски.
Во Брисел премиерот Мицкоски оди со јасен и познат став во однос на проблемот со Бугарија. Вели ние сме подготвени за разговори, но дека таква волја кај соседите не гледа.
-Билатералните прашања за жал се реалност која што ја донесе претходната Влада, но ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања, како пречка во нашиот пат кон полно зачленување во Европската Унија. Ние сме подготвени заедно со Европската Унија, заедно со тие што имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно во рамките на овој процес да седнеме било каде, било кога и на било која тема, изјави Мицкоски.
Главните теми на Самитот ќе биде постепената интеграција на економиите на Западен Балкан до единствениот европски пазар, преку Планот за раст. Тој обезбедува шест милијарди евра за реформи и инвестиции, поврзани со спроведувањето на специфични обврски. Лидерите ќе разговараат и за зајакнување на соработката во областите на одбраната, сајбер безбедноста, справувањето со хибридните закани и странското мешање.
Матеја Петровски

