Обновливи извори на енергија, зголемено производство на струја, модернизација на мрежите за пренос. Македонија во изминативе две години вложува сериозни средства кои во услови на глобална криза ја зацврствуваат енергетската стабилност и ја намалуваат зависноста од увоз. На првиот форум за енергетска дипломатија, надлежните на отворена сцена добија признание за се она што се прави во делот на енергетиката. Инвестициите во обновливите извори на енергија, во пакет со големите енергетски проекти кои треба да ја направат државата клучна крстосница во регионот носат долгорочна енергетска стабилност за државата и граѓаните:
„За пет години уделот на електричната енергија произведена од обновливи извори се зголеми од 29 на 46%, а инсталираната моќност достигна 1842 мегавати. Ова придонесува за целта за одржлив развој 7, почиста енергија и почист воздух за нашите градови. Заслугата им припаѓа на институциите, компаниите и граѓаните на оваа земја“, потенцира Рита Колумбија – постојана координаторка на ОН
Министерката Божиновска нагласува дека Македонија на енергетски план е поинаква од пред две години. Клучната амбиција е државата дфа стане целосно енергетски независна и поотпорна на надворешните влијанија. Обемот на реализирани проекти според неа се клуч за иднината во која дипломатијата нема да се мери според документи, туку според она што е сработено:
„Со изградбата на гасниот интерконектор со Грција и со планираното поврзување со Србија, работиме на отворање нови правци на снабдување. Со развојот на мрежите и подоброто поврзување на пазарите, придонесуваме за енергетската сигурност на регионот и на Европа“, истакна Сања Божиновска, Министерка за енергетика и рударство.
За Божиновска, енергетската сигурност на Европа е поврзана и со отпорноста и стабилноста на Западен Балкан, поради што регионалната соработка ја оцени како заедничка потреба. Но, не само зголемувањето на енергетскиот потенцијал, туку потребна е и поголема вклученост на жените и во носењето на одлуките и во менаџирање со процесите. Токму ова е содржано во потпишната скопска декларација, со која квалитените жени треба да бидат дел од процесите.
„Вредноста на декларацијата ќе се види во иницијативите што ќе произлезат од неа, во партнерствата што ќе ги изградиме и во можностите што ќе ги отвориме за жените да учествуваат во стратешките одлуки“, дополни Божиновска.
„Овде во Македонија жените веќе заземаат значајни раководни позиции вклучително и во енергетскиот сектор. Ова охрабрува, но можностите мора да бидат достапни на сите нивоа во индустријата“, изјави Армен Григоријан, претставникот на УНДП во Македонија.
На форумот, голем број експерти на панели дискуситираа за енергетската безбедност, обновливите извори, зеленото финансирање, регионалната соработка и женското лидерство во енергетскиот сектор.

