Царинската управа и Министерството за внатрешна безбедност на САД интензивно работат на финализирање на меморандумот за разбирање, кој наскоро треба да биде потпишан меѓу двете институции, соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, во гостување во централниот дневник на Македонската телевизија.
Николовски истакна дека потпишувањето на документот со американското министерство, во чија надлежност е и Царинската и гранична служба на САД, ќе има историско значење за државата.
Иницијативата е договорена за време на неговата работна посета на САД. За нејзината реализација, директорот упати благодарност до Американската амбасада и до Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), која функционира во рамки на Кривичниот оддел при Министерството за правда на САД.
Според Николовски, посетата на Царинската и гранична служба на САД претставува признание за заложбите на Царинската управа во областа на граничната безбедност. Тој посочи дека значењето на посетата е уште поголемо бидејќи ваква работна посета се реализира првпат во историјата на институцијата.
– Ова е историски момент, бидејќи ваква работна посета, на која е договорено потпишување на Меморандум за разбирање, досега не се случила, а токму ова раководство на Царинската управа го направи тој чекор. Она што ќе го добиеме како прогрес во Царинската управа ќе биде видливо на целата територија на државата. Ова значи побрза размена на информации во нулта време, нови технологии во работењето и нови напредни обуки, истакна Николовски.
Тој нагласи дека заедничката цел на двете институции е обезбедување побезбедни граници, поефикасни царински контроли и олеснување на легалната трговија.
Преку меѓународни партнерства, современи методи за анализа на ризик и институционална соработка, Царинската управа останува посветена на модернизација и зајакнување на своите оперативни капацитети, во интерес на државата, економијата и безбедноста на граѓаните.

